Тунтев: Зврлевски ќе остане јавен обвинител, ВМРО-ДПМНЕ ја замајува јавноста

од desk2

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ во попладневниот дел од денешното продолжение на шестата собраниска седница укажуваа дека со точката за разрешување на државниот обвинител Марко Зврлевски СДСМ троши време за тема која епилог законски може да има во ноември, наместо да дебатираат за актуелни проблеми како што се пожарите, депонијата во Струга или за законот за јазици.

Лилјана Затуровска рече дека Зврлевски може да биде разрешен во ноември затоа што во член 8а во Изборниот законик е утврдено дека од распишување до одржување на изборите нема можност за назначување нов обвинител. Според неа, целта на СДСМ е да го направи правосудниот систем, како што рече, своја партиска испостава.

Опозициските пратеници обвинија дека во 70 дена на власт реформите што ги практикува Владата се партиски вработувања, задолжувања, скратувања на ставки во буџетот и спроведување антидржавна политика.

– Едно говореа, а сега друго е во практика. На мала врата закон за јазици, а не сакаат да дискутираат за него, исто како и со стратегијата за бегалци на комисија, каде исто така не сакаат да дебатираат, рече Затуровска.

Емил Димитриев рече дека очекувал постапката за смена на државниот обвинител да биде преку суштинска и квалитетна дебата во Собранието за тоа каков треба да биде јавниот обвинител на Република Македонија.

– Се оди на брза промена на првиот човек на ЈОРМ. Треба подлабоко да се анализира состојбата во оваа институција и ако се носат решенија, тие да бидат долгорочни за да не се дискутира за исти работи кога во иднина ќе се избира друг државен обвинител, без разлика кој ќе го има парламентарното мнозинство, рече Димитриев.

Владанка Авировиќ рече дека 30 години Зврлевски вршел истакнати функции и, рече, нема ниту една дамка во својата професија.

– Реформа не е сменување еден човек со друг, туку усогласување на работата на ЈОРМ и негово доекипирање со кадар, рече Авировиќ.

Според Крсто Мукоски, промената на Зврлевски е, како што рече, личен каприц на првиот човек на Владата.

– Но битни се други прашања кои сакаат да ги затскријат со оваа дебата – договорот со Бугарија, стратегијата за бегалци и мигранти, законот за јазици и тоа што државата енормно се задолжува и е во исклучително тешка економска криза. За 70 дена Македонија е на колена, рече Мукоски. Според Илија Димовски, седницата за Зврлевски е ПР-стратегија на СДСМ да се зборува за други работи а не за суштински и, како што рече, за СДСМ да ги покрие своите големи крахови, како што е националната стратегија за мигранти и законот за јазици.

Томислав Тунтев од СДСМ нагласи дека членот од Изборниот законик на кој се повикуваат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не се однесува на Зврлевски зашто на седницата не се разговара за престанок на работен однос или за вработување, туку за престанок на мандат на функцијата државен јавен обвинител.

– Тој си останува на работното место како јавен обвинител. Ја замајувате јавноста и манипулирате со денови. Овој член 8а не може да се примени на овој случај за кој дебатираме. Чинот на разрешување на Марко Зврлевски е сосема во склад и со законот, и со Уставот. Проблемот е во тоа што во секоја реплика и контрареплика кои пратениците од ВМРО- ДПМНЕ сами на себе си ги даваат е што збор не кажуваат за Зврлевски. Зборуваат за законот за јазици, за договорот со Бугарија, за стратегијата за бегалци која е во нацрт-фаза и за која ќе се води расправа, манипулирајќи ја јавноста дека се тоа готови работи и против Уставот. Ништо во тие документи не е спротивно ниту на Уставот, ниту на кој било закон, рече Тунтев, апелирајќи до пратениците да се согласат да се разреши Марко Зврлевски и да почне постапка за избор на нов државен јавен обвинител.

На реакциите на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека не се дискутира за други теми во Собранието и на нивното барање во недела да не работат, претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека токму тие со бројните реплики на нивните говорници ја поставиле динамиката на работа.

– Како да дојдеме до следни точки од дневниот ред додека не ја исцрпиме оваа седница. Нема поинаков начин како да ја водам седницата, рече Џафери, кој 10-тото продолжение на оваа седница, го закажа за утре во 11 часот.

Слични содржини