УСАИД останува посветена на демократизација на македонското општество

од Vladimir Zorba

Американската организација за меѓународен развој (УСАИД), има повеќегодишна стратешка програма по која работи и ова е втора година од таа програма, изјави денеска во Штип, директорот на канцеларијата за развој, Едвард Гонзалес.

Директорот Гонзалес изјави дека УСАИД Македонија има повеќегодишна програма која работи на зајакнување на демократските процеси во македонското општество.

– УСАИД во Македонија е насочена и фокусирана кон обезбедување помош за граѓанските организации во Македонија, нивно вклучување во демократските процеси и идентификување на проблеми од нивен интерес и воедно наоѓање решенија за нив – изјави Гонзалес.

Во оваа насока, Американската организација за меѓународен развој, активно работи со повеќе страни, почнувајќи од граѓанското општество, со владата и приватниот сектор за заедничко идентификување и решавање на проблемите.

– За таа цел, во наредните месеци ќе развиеме нов проект во Македонија, кој ќе ги вклучи овие актери на национално и на локално ниво, токму во контекст на демократските процеси – рече Гонзалес.

Денеска во Штип, пред невладиниот сектор, институциите и заинтересираните граѓани беа презентирани четирите компоненти на проектот за граѓанско учество, спроведуван од „Ист вест менаџмент институт“, во партнерство со четири граѓански организации – Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ), Фондацијата „Отворено општество“ -Македонија (ФООМ) и Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).

Слични содржини