Вангеловски најавува дека на новата влада ќе и поднесе пакет барања за реформи во судството

од desk2

Врховниот суд до новата влада ќе поднесе пакет барања за измени на дел од законите кои се однесуваат на судството, рекол денеска новиот претседател на највисокиот суд во земјава, Јово Вангеловски на брифинг со новинарите, пренесува „Телма“.

Како што најавил Вангеловски, ќе бидат иницирани измени на Законот за судовите, Законот за одмерување на казните, Законот за судски совет, за парична постапка, како и на Законот за советот за утврдување на факти.

Тој навел дека се незадоволни од досегашната примена на законите и дека ваквите барања за измени произлегуваат од забелешките и препораките од Извештајот на Прибе во делот на реформите во судството.

Новиот претседател на Врховниот суд треба да се сретне и со Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, со која ќе дискутираат за отворените прашања, проблемите на СЈО и натамошната соработка на Специјалното јаво обвинителство со судовите.

Сепак, Вангеловски на брифингот истакнал дека не поддржува формирање на специјално судско одделение кое би постапувало по предметите на СЈО, бидејќи тоа не било технички изводливо, односно немало доволно судии.

Новиот распоред на работа на судиите во Врховниот суд, Вангеловски рекол дека го изготвил според желбите на судиите во судот и дека токму поради ова не очекува приговори.

Тој рекол дека распоредот на Врховниот суд бил полесен за правење од распоредот во Основниот суд Скопје 1.

Јово Вангеловски беше избран од Судскиот совет за нов претседател на Врховниот на 13 март, оваа година.

Слични содржини