Вечерва опозициската ВМРО-ДПМНЕ пред истражниот затвор во Шуто Оризари: Груевски избегна да одговори кога ќе ја даде оставката

од desk4

Вечерва, опозициската ВМРО ДПМНЕ , во знак на револт од притворите , организираше протест пред истражниот затвор во Шуто Оризари, информира ТВ24.

На протестот дојде и претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски, но не се обрати, а избегна и да одговори на новинарски прашања, дали одлучил кога ќе ја потпише оставката.
Влатко Ѓорчев од ВМРО ДПМНЕ рече дека во Македонија владее режим. Наместо разврски за убиства, се апсат луѓе што ја сакаат татковината .

„Актерот Владо Јовановски е новиот Ристо Шишков. Зарем актер кој никого не нападнал, не удрил, не раскрварил треба да биде суден за тероризам, за дела против државата и уставниот поредок“, порача Ѓорчев.
Тој вели дека на нивните протести се присутни мал број на граѓани бидејќи во државата владее режим, а тие биле исплашени да се појават на улица во знак на солидаризирање со притворените бидејќи власта го снимала секој чекор на сите вработени во институциите, но и приватниот сектор.

Меѓу неколкуте говори од импровизираната бина на улицата пред истражниот затвор се пееше македонската химна и патриотски песни. Дел од граѓаните што беа присутни на протестот велат дека се револтирани од апсењата и притворите на истакнати македонски личности.

„Со владата владее Луцифер, затоа нема демократија“, порача граѓанин кој протестираше.

Во друштво на Груевски се појави и генералниот секретар на партијата Христијан Мицковски, поранешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски.

Протестот помина мирно и без инциденти. Организаторите најавија дека утре револтот во 18,30 ќе го изразат пред министерството за правда.

Слични содржини