(ВИДЕО) Арифи: Одговорност од судиите кои ја злоупотребиле својата должност!

од Vladimir Zorba

Беса Арифи на конференцијата „Враќање на одземената правда“, истакна дека без да се воспостави правда за политички монтираните случаи, воопшто нема да постои правда во Република Македонија.

Арифи се осврна и на најновиот извештај од Рајнхард Прибе, велејќи дека и после две години од првиот извештај, ситуацијата во македонското правосудство е непроменета.

„Доколку ги имаме предвид сите саботажи коишто им се правеа на СЈО разбирливо е дека ќе добиеме ваков извештај од Прибе и сега. Добро е што овој извештај е многу конкретен и јасен за тоа што треба да се прави во Република Македонија. Исто така е добро што се нагласува дека не треба да се направат драстични и радикални промени и да се воведе нов начин на заробена држава, туку да се извршат сите тие активности коишто се потребни за да навистина дојдеме до правда во нашето правосудство“, изјави Арифи.

Таа истакна дека од клучна важност е случаите коишто се покренати од страна на СЈО да дојдат до својот крај и ефективно да бидат судени во судница и да се воведе принципот за казнивост за луѓе коишто извршиле кривични дела без разлика на тоа од кое ниво на државни службеници се тие.

 „Без одоворност и од страна на судиите и од страна на јавните обвинители и други службеници коишто извршиле кривични дела и коишто ја попречувале правдата во Република Македонија, не може да се каже дека е воведена казнивост. Тоа пак ќе води и понатаму на една постојана ситуација на неказнивост каде што луѓето не се казнуваат за своите погрешни постапки. Повеќе од важно е да се воведе таква одговорност и за судиите и за јавните обвинители кои што не ја извршиле или пак ја злоупотребиле својата должност“, вели Арифи.


За конференцијата и Стратегијата за реформи во судството вели дека таа опфаќа повеќе начини за тоа како да се реформира судството.

„Треба да се воведат повеќе елементи, за воведување на правда, особено за ваквите случаи за коишто ќе зборуваме денес, а тоа се политички монтираните случаи. Без наоѓање правда за тие случаи не може да се каже дека правдата на било кој начин ќе се воспостави во Република Македонија. Не може да се воспостави ниту довербата во судството или кон државните органи, се додека овие случаи кои ги знаеме како монтирани случаи не ја најдат својата правда“, истакна Арифи.

Извор: Цивил Медиа

Слични содржини