Владата не прецизира кога предлозите за министри ќе ги достави до Собранието

од desk2

Владата без да прецизира точно, соопшти дека наскоро предложените имиња за министри и заменици министри ќе ги достави до Собранието. По вчерашната средба меѓу премиерот Зоран Заев и претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, нема промена на ставовите. И додека Алијанса настојува дека ним им припаѓа ресорот здравство, СДСМ го нуди Секретаријатот за спроведување на реформите.

Алијансата нема план Б со кој би го принудил СДСМ да ги размени ресорите со другите партии, но доколку Заев одлучи предлозите да ги достави во Собранието без да се расчистат дилемите со Села, Алијанса за Албанците на Централно Собрание ќе ја разгледа одлуката дали ќе останат или ќе излезат од Владата.

„На 24 декември ќе имаме Централно Собрание на партијата кое беше закажано претходно, на кој ќе се разгледа процесот на локалните избори и закажување на конгрес на партијата. Верувам дека на тоа Собрание ќе се разгледа и ова прашање“, рече Илми Азири, Алијанса за Албанците.

По вчерашната средба меѓу Заев и Села, од кабинетот на премиерот соопштија дека Села не прифаќа вицепремиерско место за спроведување на реформи. Краткото соопштение од кабинетот на Владата остава да се сфати дека Заев и СДСМ немаат друга понуда за Села и Алијанса за Албанците.

Села не сакаше да коментира и кратко на телефон рече дека се што имал да каже, кажал вчера. Од друга страна, СДСМ го предложи Венко Филипче за министер за здравство, а ДУИ само името на Арбер Адеми како заменик министер за образование.

Предлозите во Собранието ќе бидат доставени во пакет, но според актуелната состојба, иако седницата за гласање на новите министри е закажана за 25 декември, не е исклучена можноста истата да биде одложена се додека не се расчистат дилемите меѓу Алијанса за Албанците и СДСМ./Алсат М

Слични содржини