Заев: До средината на 2018-та очекуваме нови идеи од Нимиц за прашањето за името

од desk2

Идната пролет ЕУ ќе дискутира за проширување и давање шанса на земји од Западен Балкан за почеток на преговори. Ние би сакале Македонија да биде една од земјите која ќе ги почне преговорите. Сето тоа најавува, дека до тој период, до средината на 2018 година, логично и нормално е да очекуваме нови идеи од медијаторот Метју Нимиц на кои македонската и грчката страна ќе разговараат и ќе даваат свои коментари, ќе преговараат за се што е во функција на изнаоѓање решение за името, истакна денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања во Владата.

Заев на прес-конференција информира дека сите досегашни средби со грчки и други високи претставници се во насока на јакнење на пријателството меѓу Македонија и Грција со цел полесно и сигурно решавање на прашањето за името кога за тоа, рече, ќе дојде време. – Работиме на градење пријателски односи и јакнење на довербата меѓу двете страни. Веќе нема да дозволиме нешто што би се вкалкулирало или коментирало како провокација од наша страна.

Сакаме да бидеме исправени максимално пријателски за моментот кога ќе дојде, да се навлезе во решавање на овој многу чувствителен и сериозен проблем. Верувам дека Македонија треба да биде подготвена за тоа зашто со решавањето на овој проблем автоматски ја добиваме поканата за НАТО, а верувам дека и веднаш ќе се отворат ширум и портите за почеток на преговорите, истакна Заев. Сите официјални средби меѓу македонската и грчката страна, повтори, се само во насока на помош за решавање на прашањето за името.

– Воопшто не е навлезено во разговори за суштествени прашања поврзани со проблемот на Грција што го има со нашето име. Лично јас не сум подготвен да разговарам за идентитетски прашања на нашата земја. Ги користиме сите моменти да потврдиме колку сме пријателски настроени во многу апскети. Македонија ја завршува оваа година со повеќе од еден милион посети на граѓаните што само по себе покажува дека навистина е вредно да се направат напори од двете страни за да исчекориме кон евроатлантските интеграции, подвлече премиерот. Во врска со законот за јазици, Заев нагласи дека тоа е само правно-формалниот аспект од Рамковниот договор.

– Останува Рамковниот договор да ги исполни сите очекувања. Едно од нив е рамноправната застапеност на помалкубројните етнички заедници. Тоа е тема на која Македонија треба да продолжи да работи, рече Заев./МИА

Слични содржини