Заев за БГНЕС: Македонија нема да биде двонационална држава и нема да ги сменам државните симболи

од Vladimir Zorba

Република Македонија нема да биде двонационална држава и нема да ги променам државните симболи, вели лидерот на СДСМ, Зоран Заев во изјава за бугарската агенција БГНЕС.

„Очекувам во Македонија демократските процеси да се одвиваат во согласност со Уставот, Деловникот и законите на државата. Тоа значи новоизбраниот претседател на Собранието да ги добие печатите, неговиот избор да биде објавен во Слежбен весник и потоа да испрати писмо до претседателот Ѓорге Иванов да го даде мандатот за формирање нова влада. Тоа се работите кои ги сака секој нормален човек во нашата Македонија“, изјавил Заев.

За ова, според него, треба многу трпение, бидејќи политичкиот противник не е подготвен да ја предаде власта. Иако изборот на новиот спикер беше поздравен од целиот свет, додава Заев, за жал, самиот тој не може да каже дека нема да прават пречки, но прашањето ќе се реши низ законска процедура.

Што се однесува до односите со Бугарија, Заев вели дека Бугарија е пријател на Македонија и тоа не е спорно.

„Бојко Борисов како поранешен и иден премиер ми се јави и мене и на Никола Груевски. Тоа е демонстрација на загриженост за Македонија и за сите нејзини граѓани. Тоа е пријателско однесување. Тој имаше желба да помогне и јас лично сум благодарен за таквиот однос од еден голем пријател на Македонија и иден премиер“, изјавил Заев.

„Република Македонија нема да биде двонационална држава, таа ќе си остане таква каква што е. Никој нема да налага туѓи интереси. Во однос на таканаречената тиранска платформа, таму се работи само за преговори меѓу политичките партии за формирање влада. Се што ќе прави владата ќе биде во интерес на сите граѓани и на Република Македонија.

Во декларацијата на албанските партии има и една спорна точка и ние јасно кажавме дека не се согласуваме со неа. Тие сакаат да започне дебата за државните симболи на Македонија, за знамето, грбот и химната. Ние не можеме да ги спречиме дебатите, но сме против таква промена. Исто е и за промената на уставното име на државата, Република Македонија. Но, тоа всушност е алиби на нашиот политички противник за да не ја предаде власта на новот парламентарно мнозинство“, вели Заев, додавајќи дека Македонија е се што има и нема да ги предава националните интереси.

Исто така, најави дека ќе работи на подобрување на односите со соседите, вклучувајќи ја и Бугарија, која, како што рече, е голем пријател на Македонија.

Слични содржини