📸 Важен детал: Дали е ова вистинската причина поради која Кевин остана сам дома?

од Stefanija Kuzmanovska

Филмот „Сам дома“ се здоби со статус на култен, а посебна гледаност бележи за време на празниците, односно во периодот пред Божиќ и Нова година.

Како што е познато, заплетот ги следи авантурите на момчето Кевин Мекалистер, кое поради сплет на различни околности останува само дома за време на празниците, кога неговото семејство оди на патување. Дури во авионот неговите родители сфаќаат дека им недостасува еден член, а додека мајка му не се врати дома, Кевин ќе мора да се соочи со разни ситуации, меѓу другото – ќе треба да ја спаси куќата од крадци.

Иако сите со насмевка ги следат „авантурите“ на Кевин и како тој сам ќе се снајде во големата куќа која ја демнат крадци, сепак многумина се прашуваа – како е можно членовите на семејството Мекалистер да не забележале дека нивното дете го нема? Дури сега е јасно како дошло до тоа.

Имено во филмот, вечерта пред патувањето, Кевин се степа со својот брат Баз, а при нивното туркање на масата било истурено млеко. Меѓу другото, млекото се истурило и на авионските билети, а таткото на Кевин земал салфетки за да ја исчисти масата и случајно фрлил еден од билетите во корпата за отпадоци.

Како што забележал еден гледач, на овој билет пишува „Кевин“, па јасно беше дека неговиот билет бил фрлен и затоа не недостасувал на аеродромот. Иако филмот е снимен во деведесеттите, многумина до сега не го забележале овој детал.

„’Сам дома’ го гледав 25 пати и штотуку сфатив дека татко му ја фрли авионската карта кога го чистеше истуреното млеко на почетокот“, напиша еден од гледачите на социјалната мрежа Х, заедно со фотографија од овој момент од филмот.

Слични содржини