Алијанса го пријави Буши во Антикорупциска поради сметката во луксузниот хотел во Истанбул

од Nikola Popovski

Алијанса за Албанците до Антикорупциската комисија поднесе пријава за сомневање за корупција против Назим Буши, заменик-министер за внатрешни работи.

„Пријавата е поднесена во врска со престојот на Назим Буши во луксузен хотел во Истанбул во октомври 2020 година, престој вреден десетици илјади евра но, според заменик министерот овој износ е платен од непознати лица, што претставува подарок што е во спротивност со позитивните прописи“, се вели во соопштението на АА.

Се вели дека ваквото лекомислено прифаќање на подарок од непознато лице претставува флагрантно кршење на член 58 од Законот за спречување на корупција и член 6 од Уредбата за критериумите, начинот на давање и примање на дарови, пријавувањето на даровите, начинот на процена, начинот на доплата на личен дар, како и користењето, чувањето и евиденцијата на стварите што станале сопстваност на државна сопственост кои предвидуваат дека државен функционер може да прими личен дар чија вредност не ја надминува вредноста од 100 евра во денарска противредност.

Заменик министерот за внатрешни работи, Назим Буши, платил 20.000 евра за едно ноќевање во лускузен хотел, објави пред шест дена албанската телевизија „Ора њуз“, којашто емитуваше истражување за албански функционери кои се луксузирале во хотели, а меѓу нив се најде и функционерот од македонската влада.

Според информациите на „Ора“, Буши престојувал една ноќ во претседателскиот апартман на „CVK Park Bosphorus Hotel“ во Истанбул. За тоа сведочи видеото направено од Буши во просториите на претседателскиот апартман, кој е огромен простор од 850 метри квадратни, пишува порталот.

Слични содржини