Американците го губат трпението: „Ги сметаме за одговорни Вучиќ и неговите колеги за корупција“

од Stefanija Kuzmanovska

Во четвртокот во американскиот Конгрес се одржа специјална расправа за состојбите на Балканот. Американскиот сенатор Боб Менендез од Демократската партија го испрашуваше советникот за надворешна политика на Стејт департментот, Дерек Шолет, за напис објавен во „Њујорк Тајмс“ за наводните врски меѓу српската влада и претседателот Александар Вучиќ со криминални организации.

„Детален извештај на Њујорк Тајмс пред неколку недели тврдеше дека постојат врски меѓу насилството на криминалните банди во Србија и северно Косово, кои вршеле убиства и ги заплашувале политичките противници и медиумите. Советнику, дали овој извештај е веродостоен?“, праша Менендез.

„Веруваме дека е. Мислам, не можам да зборувам за деталите од тој текст, но таму постои апсолутно голема корупција“, одговори Шолет.

„Колку се реални перспективите за Србија како доверлив партнер, со таква позадина?“, продолжи Менендез.

„Тоа е нешто што постојано мораме да го тестираме и тоа го правиме со отворени очи. Но, ние ги држиме за одговорни Вучиќ и неговите колеги за нивната корупција, нивното однесување и активности. Воведовме санкции против многу луѓе од регионот. Многу јасно ставивме до знаење дека корупцијата е нешто што го пустоши целиот регион“, рече Шолет.

„Барем според мене, корупцијата е најважната работа што ја попречува интеграцијата на регионот во Европа. И затоа ни е голем приоритет. Ова е нешто на што нашите амбасади работат многу напорно и на што посветуваме големо внимание во Вашингтон“, заклучи Шолет.

Слични содржини