Аналитичари: Нова политичка енергија едниствено може да се бара во нови предвремени избори

од Берта Китинска

Оваа кампања за Македонија го обележи еден нов феномен: проевропскиот и продемократскиот општествен слој што припаѓа „во“ и „околу“ СДСМ ја казни СДСМ; причините за таквото поведение се малку подлабоки, вели во разговор за „Локално“ политичкиот аналитичар Ненад Јовановиќ  во врска со изборниот резултат на локалните избори.

– Да ве потсетам дека почна со аферата „Рекет“, со Макроновото фамозно „не“, па потоа дојде пандемијата и корона вирусот, па локдаунот, па немањето на вакцини; посреде цело време ескалираше конфликтот со Бугарија, ветото кое ни го даде, па нивните напади од радикалните бугарски струи, па починатите од короната, болните, за на крајот да ни се случи несреќата со модуларната болница во Тетово, па уште кога на тоа ќе ги додадете внатрешните притаени борби за рекомпонирање во самата СДСМ, конфликотот со Максим Димитриевски, навреденоста на старите бранкови струи заради „лошите интерпретирања на историјата“ на премиерот Заев, сосема разбирливо би бил резултатот на денешните локални избори. И ако забележувате внимателно, ВМРО-ДПМНЕ не го победи СДСМ, туку СДСМ не излезе да гласа за своите затоа што некои членови не биле испочитувани доволно добро, или пак некои градоначалници на СДСМ не биле доволно јасни/радикални/достапни итн, објаснува тој.

Според Зоран Иванов новинар и политички аналитичар пресудни за ваквиот резултат од изборите се гласовите на граѓаните.

-За дебаклот на СДСМ, првенствено, во самата СДСМ. Се покажа дека успешните политики и вонредните напори за влезот на земјава во НАТО не се доволна сатисфакција за македонскиѕте избирачи. Тие, мнозинството,на овие локални се определија за криза, па ќе видиме каква поука за неуспешните домашни политики ќе извлече СДСМ, а какви граѓаните со неизвесноста што следува со извесната политичка и не само политичка криза,вели аналитичарот.

Јовановиќ  смета дека катастрофална е логика ако се мисли дека СДСМ е казнето  со откинувањето на гласови.

-Граѓаните гласаа и за двајцата кандидати за град Скопје. Погледајте ги само бројките: Шилегов освои на овие локлани избори 88 илјади гласа, а неговата конкурентка Арсовска добива 116 илјади гласа од граѓаните. Ако на тоа ја ставите резигнацијата, црната кампања која систематски се користеше кон Шилегов, ако на тоа го додате сето она кое погоре го набројав, плус ако дојдадете колку Бени Шаќири откина од демократското јадро, Тортевски и некоја извесна госпоѓа Ана Петровска, јасно ќе видите каде отидоа гласовите. Од друга страна, и да сте сакале да го казните СДСМ, така што ќе им откинувате гласови, а потајно да посакувате ВМРО-ДПМНЕ никогаш да не се врати, тогаш, извинете ме, ама се работи за катастрофална логика на „навредените“ и „увредените“ од политиките на СДСМ. Допрва ќе видиме колку оваа дилетантска структура од навредени ќе го чини градот Скопје во неговата архитектура, урбаност, култура, мултикултура, и се она кое значи една модерност и универзалност која е карактеристична за една европска метропола каква што е Скопје, подвлекува аналитичарот.

За тоа дали пресуди според многумина „црната кампања“ за „бугарски пасоши“, „крадење струја“ и „пропаднати бизниси“, Иванов потсетува дека по поримерот на локалните во 2017-та кога истото и во уште полоша варијанта му се случи на ВМРО-ДПМНЕ  сега ваквиот бран односно изборното цунами се врати назад кон  СДСМ-овскиот брег  додавајќи дека „ ги одува надежите за колку толку избалансирани изборни резултати кои не ќе продуцираат длабоки делби кои би иницирале брзи предвремени парламенмтарни избори“.

На прашањето дали граѓаните гласаа за Данела или против Шилегов,новинарот  за „Локално“ вели дека на овие избори повеќето граѓани гласаа против СДСМ.

-Па, не знам. Јацето или кокошката. И едното и другото. Но повеќе против СДСМ. Оваа партија веројатно не успеа да разбере дека е самата во криза од нејзиниот последен конгрес па наваму. Дека многу влијателни партиски структури не го поддржуваа актуелното раководство и органите на партијата и дека таа негативна аура зафати и значаен дел од членството. Како резултат нам тие „подземни“ партиски води, се изродија и едно купче независни листи и кандидати во чија основа менталната партиска провиниенција е социјадемократијата. Башка, неразбирлива беше „широкоградоста“ на партијата да дозволи свои коалициски партнери да играат независно и да одвлекуваат гласови. Плус, разно разни кадровски суети и ароганции по примерот на Куманово, потоа грст непосакувани ликови кандидати за градоначалници и советници не проверени кај широкото партиското членство и јавноста, како и разноразни помали и поголеми афери, клиентелизам и непотизам и се заедно доведе гласачите да бидат насочени така како штоп огромното мнозинство се изјаснија, објаснува  тој.

Заев повторно во овие четири години си го скрати мандатот  

-Зоран Заев најави оставка на претседателската и премиерската функција, што значи дека повторно во овие четири години си го скрати мандатот и така ја „налепи“ опцијата за нови парламентарни избори на кои инсистира опозиционата ВМРО-ДПМНЕ; а другата опција е онаа поразумната: да остане стабилно владиното мнозинство, со некоја рокада на премиерското и претседателското место во самата СДСМ. Така што, ви велам, тешко ќе оди тоа бидејќи СДСМ се напојува и го црпи легитимитетот од гласачите, а гласачите пак – во некоја политичка реалност – го црпат од лидерот Зоран Заев, смета Јовановиќ.

За Иванов, Заев е  човекот кој без двојби од осамостојувањето до денес ги има направено најкрупните пробиви на земјава на меѓунбнароден план.

-Ако ние граѓаните навистина сме во парво и кога грешиме, тогаш нова потврда за тоа се овие локални зашто бргу ќе се воочи дека овие изборни резултати не само што се неправедни кон власта, посебно спрема Зоран Заев, човекот кој без двојби од осамостојувањето до денес ги направи најкрупните пробиви на земјава на меѓунбнароден план. Кој ја отвоти НАТО портата во услови на безочни и антипроиграмски анти нато кампањи што безочно ја водеше опозоцијата и посебно конкурентната ВМРО-ДПМНЕ. Која преку пизми, стигми и манипулации за некакви предавства, за некакви остапки за името на државата, за уставните промени во таа насока, пртактично ги собра сите политички поени кај поголемиот дел од наивната јавност. Но, аналогно на изборните резултати тој ја даде оставката, како натаму ќе реагираат во партијата и во коалицијата за тој негов чин, сепак да почекаме неколку дена. Ако остане на својот став тогаш тоа само по себе иницира вонреден конгрес во паријата и вонредни избори во државата, објаснува новинарот, додавајќи дека засега никого не гледа како негова заемна.

Политичкиот аналитичар како поддржувач на политиките на Заев, вели дека е тешко да се каже кој би можел да биде негов заменик во партијата.

-Да ви кажам нешто искрено: јас сум познат во јавноста како голем поддржувач и верник на политиките на Заев. Мене многу ми е тешко кога треба да размислувам во некои други коњуктури за персонални имиња на некој иден претседател на СДСМ, и од тоа ниту се скривам, а богами ниту се срамам. Тој човек политички за мене претставува олицетворение на европеизација, интеграција и пријателство. Ние таква политика во оваа држава до сега сме немале. Тоа е сета разлика од демократски и недемократски општества. Едното, демократското, се залага за мир и дијалг, а недемократоското игра на конфликти, негации и лаги. И сега јас не можам да речам како што велат во Чачак: „ќе најдемо ново дете“. Вакви луѓе како Заев се раѓаат еднаш на 50-тина години. Може сега ова да ви звучи како ерес и бласфемија, ама тоа е мојата перспектива на гледање на работите, дециден Јовановиќ.

„Скопско крило“ прво треба да полета 

Според Иванов скопското  „крило“ прво треба да полета и да се појави јавно, да излезе со некоја платформа, програма, идеи за нови насоки, да се легитимира во партијата и во јавноста.

-Кај нас се уште тоа се случува во стилот на некакви заговори. Политичклите партии не се воопшто отворени и џемократизирани. Да беше така вои во СДСМ и во другите покрупни партии и легално статутарно јавно и перманентно ќе егзистираа разни внатрешно партиски лоби групи па и фракции и алтернативите ќе беа секогаш на дофат. Вака, конспиразии, смета новинарот.

За Јовановиќ тешки јазични означувачи (знак, означувач и писмо како скопско крило) создаваат уште поголеми конфузии. Тој вели дека за нов лидер треба нов конгрес, додавајќо дека „после Заев, и после се’ што поминавме, мислам дека тоа ќе биде многу тешка работа за самата СДСМ“.

Со овие изборни резултати власта го изгуби мотивот за нови сили  

Реално сите патишта водат кон предвремени парламентарни избори, смета Иванов.

– Тие секако не можат да се случат утре. Тегавењето во договарањата за нив, уште повеќе ќе ја заострув кризата. Посебно сега, во периодов кога на повидок со многу јасни сигнали е и глобална енергетслка, а со тоа и економска и социјална криза. Додатно и кога во услови на нестивнатата ковид пандемија, секакво рационално решение е магливо. Расплет кон позитива едноставно на кус рок не е можен, смета тој.

Според него власта го изгуби мотивот за нови сили по овие изборни резултати.

-Засега барем, ќе се види деновиве како нештата ќе се одвиваат натаму. Но како и да е, нова политичка енергија едниствено може да се бара во нови предвремени избори. Тие, сепак, е неможно да се случат толку брзо. Ниту пак е можно некакво решене за некакво ефектно ново мнозинство во собранието кое, како што еуфорично најавуваат од ВМРО-ДПМНЕ, би го презело управувањето со државата. Би било тоа институционално насилие кое би изродило некаква нова хибридна влада без изборен легитиметет со исто таква кризна и исто таква со крајно нестабилна подршка од еден таков реконпониран парламенмт, вели новинарот.

Немам сомнеж дека повторно ни следи нестабилно политичко време, смета Јовановиќ додавајќи дека изборите веќе ни се рутина и со самото будење на десницата се создаваат нови турбуленции.

– Сигурно дека ќе се зголеми притисокот кон СДСМ, и познавајќи го Мицкоски во неговиот политички апетит, познавајќи ја таа негова политичка дрчност, тој човек нема да се задоволни само со градоначалници, туку ќе инсистира на нови предвремени парламентарни избори. Немам сомнеж дека повторно ни следи нестабилно политичко време, што веќе почна да ни станува рутина, така што како се буди десницата, така повторно се создаваат нови турболенции, незивесности и страв од поделби и конфликти. Но, како да ви кажам: општествата се динамични организми, а ние сме луѓе кои живеат и мислат во динамични времиња, објаснува тој.

Б.М./Н.П.

Слични содржини