Бугарските пратеници усвоија декларација за Македонија

од Radmila Tasevska

Денес Народното собрание на Бугарија усвои декларација во која „се осудуваат антибугарските пројави во Република Северна Македонија“. Декларацијата беше поддржана од 185 пратеници, а еден беше воздржан, пренесува БТА.

Доставени до парламентот беа четири нацрт-декларации, од ГЕРБ-СДС, „Продолжуваме на промените“, „Демократска Бугарија“ и „Преродба“, врз основа на кои е изготвен и изгласан заеднички нацрт предложен од Комисијата за надворешна политика.

Во усвоената декларација бугарскиот парламент, ги осудува „пројавите и повиците за насилство врз Бугарите во Северна Македонија, нивните организации и клубови, а особено тешкиот престап врз Бугаринот Христијан Пендиков“ и бара да бидат преземени системски мерки од сите институции за откривањена сторителите и нивно изведување пред правдата.

Исто така народното собрание, изразува и „противење на трајното неспроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Северна Македонија од 2017 година и билатералните протоколи од состаноците на Мешовитата меѓувладина комисија од чл. 12 од 2019 и 2022 година“.

Се изразува и загриженост во декларацијата дека „ескалацијата на антибугарската кампања во Северна Македонија може да го загрози процесот на вклучување на Бугарите во Уставот на земјата, како и развојот на демократските процеси и институции во Северна Македонија и нејзиниот пат кон членство во Европската Унија, што им служи на интересите на трети страни“.

Слични содржини