Дел од украдената марихуана во гевгелиско-валандовскиот регион завршил во Косово, вели Заев

од Берта Китинска

Премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција соопшти детали за акцијата на МВР во  гевгелиско-валандовскиот регион,

-Еден дел од марихуаната, од тоа што беше украдено во гевгелиско-валандовскиот регион веќе е откриен во областа на Арачиново, еден дел е во Косово. Се работи со службите за да се стигне до крај и да се изведат одговорните пред лицето на правдата, рече премиерот Зоран Заев на денешната прес конференција ,за прв пат откривајќи детали за акцијата.

Од МВР и од обвинителството досега соопштуваа дека не се даваат детали поради тоа што истрагата се уште тече.

На прашањето за вчерашната акција во Крушево каде беа уапсени тројца, меѓу кои и македонски државјанин за кои Алсат има информации дека е близок роднина на заменик министерот за внатрешни работи Назиф Буши, дали ќе се  побара некаква морална или политичка одговорност за случајот или евентуално кривична, премиерот рече дека не е информиран кои лица се инволвирани во овој случај.

– Сум информиран дека се случуваат вакви девијантни појави. Ова (Крушево) е втор таков случај. Веќе постапува комисијата за издавање на лиценци која направи детална контрола, покрај она што го прави МВР. Јас првпат слушам за кои луѓе се инволвирани. Впрочем, не е важно кои се инволвирани, ако се инволвирани тие треба да си одговараат без разлика кои се и со кого се поврзани, важни или неважни личности во државата, изјави Заев.

Слични содржини