Драма во Грција: Судири со полицијата заради изградба на центар за мигранти! (ВИДЕО)

од Aleksandar Petrovski

Со цел да се олесни почетокот на изградбата на затворените центри за бегалци и мигранти, владина одлука со која не се согласува локалното население, од Атина со бродови, на Лезбос и Хиос доцна синоќа пристигнале неколку полициски единици.

Откако дел од медиумите објавија дека вчера напладне од атинското пристаниште со два траекти, специјални полициски единици, полициски автобуси и цистерни со вода за растерување демонстранти тргнале накај двата острови, локалното население на Лезбос се мобилизираше, јави дописничката на МИА од Атина.

Со камиони за ѓубре поставија блокада на влезот на пристаништето, а граѓаните се собраа на протест во обид да го спречат пристигнувањето на полицајците. Кусо пред полноќ, според локалните медиуми, чукале камбаните во неколку села, за жителите масовно да излезат на протестот. Подоцна биле повикувани и со мегафони.

На островот Хиос, исто така се одржа протест, но помал од оној на Лезбос, а по полноќ, тензично беше помеѓу насобраните граѓани и полицијата која употреби солзавец и шок бомби.

За сега не постои официјална потврда колку точно полицајци од Атина се пратени на Лезбос и на Хиос за да се олесни почетокот на изградбата на затворените центри.

Реакција стигна и од опозициската СИРИЗА, преку портпаролот Алексис Харицис, кој рече дека „информациите дека тајно се праќаат 10 специјални полициски единици“ на Хиос и на Лезбос, создаваат „голема загриженост и ја зајакнуваат тензијата“.

– Владата на Мицотакис фрла масло во оган. Наместо да даде решенија, прибегнува кон тупаници и насилство, без притоа да ги даде неопходните информации за нејзините потези. Овие неприфатливи и недемократски тактики единствено што прават е да ја поткопаат демократијата. Нема да му дозволиме на господинот Мицотакис и на неговата Влада да ги претворат островите во бојно поле, изјави Харицис.

 

Слични содржини