Експеримент за кој допрва ќе се зборува: Добивате 1.200 евра, а не правите ништо

од Nikola Popovski

Група избрани Германци ќе добијат безусловен основен приход од 1.200 евра месечно, како дел од експериментот што ќе започне денес и ќе трае во следните три години.

Како дел од истражувањето, кое е дел од пилот-проект чија цел е истражување на ефектите од безусловниот основен приход, ќе учествуваат 122 учесници, кои биле избрани од дури два милиони апликанти, пренесува Танјуг, пренесуваат германските медиуми.

Учесниците не мораа да докажат дека имаат потреба од пари, за време на проектот ќе можат да прават што и колку сакаат и немаат никакви обврски кон финансиерите на проектот, освен дека „треба да пополнат седум прашалници во рок од три години, колку што траат студиите“, се наведува на веб-страницата на проектот.

Дополнителни 1.380 случајно избрани лица, исто така, ќе ги пополнуваат прашалниците на секои шест месеци, но тие нема да добијат основен приход, туку само компензација за времето поминато во пополнувањето на овие формулари.

Парите за проектот ги обезбедиле околу 150.000 приватни донатори, а оние што ќе ги добијат во следните три години ќе бидат ослободени од данок.

Ова значи дека секој учесник на крајот ќе добие пари во износ од 43.200 евра, додека вкупната вредност на проектот, иницирана од непрофитно здружение во Берлин, е околу 5,2 милиони евра.

Иницијаторите на „Мојот основен приход“, како што се нарекува здружението, се убедени дека безусловната исплата на пари на сите граѓани ќе реши многу проблеми на денешното општество.

Тие веруваат дека луѓето стануваат послободни, покреативни и посреќни ако се ослободат од притисокот дека треба да заработат доволно пари за да преживеат.

„Ќе тестираме што прават луѓето кои ќе бидат финансиски безбедни три години. Дали ќе ги потрошат тие пари или ќе создадат финансиски резерви? Дали ќе престанат да работат или ќе работат помалку? Дали ќе станат социјално ангажирани или ќе донираат повеќе?“, вели раководителот на студијата, Јирген Шуп од германскиот институт за економски истражувања.

Дури, како што вели, промените во нивото на стрес може да се испитаат со примероци на коса од испитаниците, бидејќи се очекува да бидат под помал притисок благодарение на донираната плата.

Слични содржини