ЕМА: „Бустер“ дозата го зајакнува имунолошкиот одговор повеќе од очекуваното

од Vladimir Zorba

Европската агенција за лекови (ЕМА) процени дека „бустер“ дозата на вакцината против Ковид-19 ќе даде посилен имунолошки одговор од очекуваното.

Во своето редовно обраќање до медиумите, претставниците на ЕМА истакнаа дека се потребни „бустер“ дози за да се продолжи заштитата и ефективноста на вакцините кои почнуваат да слабеат обично по 5 до 7 месеци кога станува збор за сојот „делта“, но и побрзо во случај на „омикрон“ варијантата.

„Податоците покажуваат дека давањето „бустер“ доза го зајакнува имунолошкиот одговор повеќе од првично очекуваното, ја обновува и продолжува заштитата“, рече д-р Марко Каваљери во име на ЕМА.

Каваљери наведува дека ЕМА во моментов ја проценува употребата на „бустер“ дози на вакцината „Фајзер“ кај адолесценти на возраст од 16 и 17 години и се очекува почеток на евалуацијата на ефикасноста и безбедноста на „бустерите“ за деца на возраст од 12 до 15 години.

Кога станува збор за давање втора „бустер“ доза, ЕМА наведува дека „нема податоци за поддршка на таков пристап“.

„Давањето бустер доза може да се смета како дел од решението за сегашната ситуација, но повторувањето на вакцинацијата во пократок временски период нема да биде одржлива долгорочна стратегија“, рече Каваљери.

Од ЕМА нагласуваат дека податоците за вакцинација на деца и трудници говорат за ефикасноста и безбедноста на одобрените mRNA вакцини во овие категории.

„Постојат докази дека вакцините се исто толку ефикасни кај децата како и кај возрасните и дека тешките несакани ефекти кај децата се ретки“, вели Марко Каваљери.

Кога станува збор за трудници, ЕМА вели дека неодамнешните истражувања покажале дека mRNA вакцините се ефикасни без да предизвикуваат компликации во бременоста или последици за фетусот.

Слични содржини