Ердоган: Кој ќе го нападне нашиот брод, ќе плати висока цена

од Vladimir Zorba

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави денеска дека секој напад врз турски брод што истражува за нафта и гас во спорните води на Средоземното море ќе плати висока цена, и посочи дека Турција веќе постапила според тоа предупредување.

„Рековме дека ако го нападнат нашиот „Оруч Реис“, тие ќе платат висока цена, а тие го добија првиот одговор денес“, рече Ердоган во говорот во Анкара без да даде детали, пренесе Ројтерс.

Бродот „Оруш Реис“ тргна во понеделникот со воена придружба во истражувачките води помеѓу Крит и Кипар.

Како одговор, францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Франција ќе го зголеми своето воено присуство во регионот и ја повика Анкара да престане со истражувачката работа.

Француските и грчките сили денес одржаа воени вежби недалеку од Крит.

Министрите за надворешни работи на ЕУ, кои веќе воведоа санкции кон двајца турски енергетски лидери во врска со турските операции во источниот Медитеран, утре ќе разговараат за ситуацијата.

Ердоган денеска разговараше по телефон со германската канцеларка Ангела Меркел и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.

За време на разговорите со Мишел, Ердоган ја повтори својата заложба за одбрана на правата на Турција против обидите за нивно непочитување, наведуваат од кабинетот на Ердоган.

И Турција и Грција оваа недела изјавија дека сакаат да го решат спорот околу меѓусебните поморски побарувања, но истакнаа дека ќе ги заштитат своите интереси обвинувајќи ја другата страна за конфликтот.

Слични содржини