Ердоган за претстојните избори во Турција: „За мене ова е финале“

од Vladimir Zorba

Претседателот на Турција и лидер на Партијата на правдата и развојот (АКП), Реџеп Таип Ердоган изјави дека претстојните локални избори на 31 март ќе бидат негови „последни“.

„За мене ова е финале. Со овластувањата дадени со законот, овие избори се мои последни избори, но резултатот што ќе произлезе од нив ќе биде трансфер на довербата за моите браќа кои ќе дојдат по мене“, рече Ердоган во Истанбул на средба со претставниците на Турската младинска фондација (ТУГВА).

Потенцирајќи дека 31 март, кога се одржуваат локалните избори, е многу важен и дека тоа е своевиден пресврт, Ердоган рече дека очите на целиот исламски свет ќе бидат насочени кон Турција, јавува Анадолија.

„Иако ова не се општи, туку локални избори, сите ќе чекаат да видат каков резултат ќе има Партијата на овие избори. Затоа верувам дека нашата борба има многу силна младост и дека ќе им дадеме соодветен одговор на оние кои сакаат поинаку“, рече Ердоган.

Ердоган е основач и лидер на Партијата на правдата и развојот (АКП), а минатата година доби нов петгодишен претседателски мандат.

Слични содржини