ЕСМ уверува дека ќе има парно од 15. октомври, се бара решение за цевководот кај мостот „Беласица“

од Nikola Popovski

ЕСМ соопштува дека активно работат на решение за проблемот со цевководот кај мостот Беласица, кој е од суштинска важност за парното греење во Скопје. Бидејќи мостот е под надлежност на Град Скопје, од АД ЕСМ велат дека се во постојана комуникација со нив, каде се бара заедничко решение за санирање на овој проблем.

-Поставувањето на новите цевки е комплексна активност и бара сериозна посветеност и работа и ќе се вложат максимални напори за санацијата да заврши во најкус можен рок. Додека траат активностите за поставувањето на новите цевки ќе се користи алтернативниот вод на железничкиот мост кој има капацитет да се врши континуирана испорака на топлинска енергија до потрошувачите, соопштија од компанијата.

Оттаму уверуваат дека цевководот ќе биде целосно функционален и согласно законската обврска на 15 октомври, ќе се обезбеди непрекинато парно греење за граѓаните на Скопје.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска информира дека ЕСМ ја презеде обврската за санација во долниот дел и дури после тоа треба да се почне со поставување на цевките за топлинска енергија кои што се извадени после пожарот што во месец мај го зафати мостот.

-Несоодветно е во јавноста да презентираме преписки за монтажата на тие цевки. ЕСМ не ја говори вистината. Не можеме да правиме нешто што не е наша надлежност. Самите ќе видите кој ќе го санира мостот пред да се стават цевките, додаде Арсовска.

Градоначалничката е децидна дека мостот е безбеден и сигурен и тоа го имаат како податок според вештачењето. Сепак, вели дека за да се пушти во целост, треба санација во долниот дел.

-Тоа е предусловот и за да се монтираат цевките на топловодот. Не може монтажа без санација. Јас верувам дека ќе го направат додека не почне грејната сезона. ЕСМ ја презеде обврската, рече Арсовска и додаде дека нема да биде вина на Градот Скопје доколку дојде до проблеми со грејната сезона.

Слични содржини