Еврокомесарот Бретон ги повика земјите од ЕУ да испратат муниција во Украина

од Stefanija Kuzmanovska

Европскиот комесар за внатрешен пазар и индустрија, Тиери Бретон, денеска, по разговорот со полскиот премиер Матеуш Моравјецки, ги повика земјите од Европската унија да ѝ помогнат на Украина со испорака на муниција од нивните магацини што е можно поскоро и дека ЕУ ќе го финансира зголемувањето на производството за подоцна да ги врати залихите.

„Имаме пакет решенија. Можеме да им кажеме на земјите од ЕУ да испратат муниција во Украина што е можно побрзо. Ја имаат во магацините. Јавните набавки првпат ќе ги финансираме со една милијарда евра. Тоа е воена економија. Треба да го зголемиме производството и сме способни за тоа. Единаесет земји-членки имаат такви фабрики“, рече Бретон по посетата на фабриката за муниција „Дезамет С.А.“ во Нова Демба во југоисточниот дел на Полска.

Полскиот премиер Моравјецки денеска најави нова амбициозна повеќегодишна програма за помош на државните и приватните компании кои произведуваат муниција со цел да испратат што е можно повеќе во Украина, а во исто време Полска да ги надополнува и зголеми своите залихи.

„Денес на Украина ѝ е најпотребна муниција, ќе ја испратиме и ќе се финансира од буџетот на ЕУ. Владата сака државните и приватните компании да произведуваат муниција бидејќи знаеме дека ја има малку, и во Европа и во земјите на НАТО“, рече Моравјецки на прес-конференција со европскиот претставник.

Слични содржини