ФБИ ги заплени телефоните на градоначалникот на Њујорк, ја истражува соработката со Турција

од Radmila Tasevska

Агентите на ФБИ ги запленија телефоните и електронските уреди на градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, во рамки на федералната истрага за финансирањето на неговата кампања, изјави неговиот адвокат.

Запленувањата се поврзани со истрага за корупција за да се утврди дали Адам во кампањата за градоначалник на Њујорк во 2021 година договарал со владата и турските државјани.

„Во понеделникот вечерта ФБИ му пријде на градоначалникот по еден настан. Градоначалникот веднаш одговори на барањето на ФБИ и ги предаде електронските уреди. Тој не е обвинет за никакво кривично дело и продолжува да соработува во истрагата“, рече Бојд Џонсон, адвокат на кампањата.

За федералната истрага за кампањата на Адамс јавноста дозна минатата недела кога агенти на ФБИ упаднаа во домот на собирачот на средства за неговата кампања, 25-годишната приправничка Брајана Сагс, каде што запленија компјутери, мобилни телефони и папка со ознака „Ерик Адамс“.

Минатата недела, по претресот, градоначалникот ненадејно го напушти Вашингтон, каде требаше да се сретне со лидерите на Белата куќа и Конгресот во врска со приливот на мигранти во неговиот град, и се врати во Њујорк. Адамс преку соопштение порача дека нема што да крие и дека ќе продолжи да соработува во истрагата.

„Њујорк тајмс“ пишува дека со претресот во домот на Сагс се сакало да се пронајдат докази за таен договор во кој учествувале изборниот штаб на градоначалникот, турската Влада и градежна компанија во Бруклин, чии сопственици се Турци.

Истрагата има за цел да утврди дали донациите од турската Влада и турските граѓани биле упатувани на Адамс преку систем во кој имало лажни донатори. Засега не е јасна врската меѓу запленувањето на уредите на Адамс и претресот на Брајана Сагс.

Слични содржини