Франција уништи 27 милиони монети поради грешка

од Vladimir Zorba

ФРАНЦИЈА уништи и повторно искова 27 милиони монети откако не побара одобрение за дизајн од ЕУ, по што беше утврдено дека монетите не се усогласени. Ковачницата Monnaie de Paris во Франција, произведе монети од 10, 20 и 50 центи со новиот дизајн во ноември, но подоцна беше откриено дека начинот на кој биле прикажани ѕвездите на знамето на ЕУ не е во согласност со многу прецизните барања на Европската комисија.

Според законите на ЕУ, земјите можат да го менуваат дизајнот на „националниот“ лик на монетите евра на секои 15 години, но им треба зелено светло од Комисијата, како и од другите влади на еврозоната, кои мора да бидат известени и да имаат седум дена за поднесување приговори, пишува Политико.

Франција неформално стапи во контакт со Комисијата во ноември, пред да поднесе официјално барање за одобрување дизајн, но ковачницата продолжи со производство без да чека одобрение од ЕУ. Потоа следеше неформално предупредување од Комисијата во кое се нагласува дека новиот дизајн не е во согласност со правилата на ЕУ, според претставник на француското Министерство за економија со директно познавање на ова прашање.

Портпаролот на Комисијата одби да ја коментира претходната неформална размена на информации со Франција, но потврди дека француското Министерство за финансии официјално доставило коригиран дизајн на 12 декември, кој доби одобрение од ЕУ на 21 декември. Новите монети требаше да бидат откриени за време на посетата на францускиот министер за економија и финансии, Бруно Ле Мер на престижното седиште на Monnaie во Париз.

Не е изненадувачки што тоа не се случи на крајот. Сега започна играта на обвинување меѓу Monnaie и владата. Официјален претставник на француското Министерство за економија нагласи дека Monnaie е автономна јавна компанија и не е дел од француската администрација. Ова значи дека Monnaie треба целосно да ги сноси трошоците за повторно ковање на монетите.

„Нема да има трошоци за француските даночни обврзници, бидејќи компанијата ќе ги апсорбира во своите оперативни трошоци“, објасни тој. Дизајнот на новите монети предложени од француската влада и потврдени од Комисијата се уште е таен и ќе биде откриен пред пролет, соопшти француското Министерство за економија.

Слични содржини