Галетановски демантира: Зоолошката градина не е ниту на една политичка партија, таа е на сите граѓани

од Nikola Popovski

„Целосно го демантирам текстот на порталот Вечер.Мк под наслов „Петре Шилегов- Градоначалникот кој го продаде кучата“, портал каде што Ивона Талевска е главен и одговорен уредник, а со непотпишан автор на статијата, во која се изнесени низа невистини и за Зоолошка градина Скопје“, се огласи преку соопштение, директорот на скопската Зоолошка градина, Ѓорѓи Галетановски.

Според објавеното, во текстот е спомната некаква си куќа за пингвини која чини 300 000 евра и парите според порталот се дадени во време на пандемија, но во реалноста не е така.

„Двете живеалишта за фламинга и пингвини кои се со големи надворешни базени, плус со внатрешни живеалишта и базени, целосно климатизирани, уредени по светски стандарди за градба на живеалишта и еден спрат под земја каде што се наоѓа најсовремена опрема- пумпи и филтри за одржување на базените заедно чинат 270 000 евра, а средствата за градба беа одобрени во 2019 година,кога и започна изградбата на проектот, речиси една година пред пандемијата . Тоа не е куќа за пингвини, туку целосен нов реон во зоолошката, каде што има дел и со други птици, хортикултурно уредување, реквизити, тераса со видиковец. Секојдневно посетителите може да видат што се е направено и токму овој нов реон кој вкупно чини 270 000 евра е најпосетениот и најубав простор во градината“, вели Галетановски.

Според него, авторот на текстот очигледно нема познавање за животни и што се е потребно за нивна благосостојба и грижа.

„Сите трошоци во градината се за подобрување на условите на животните, но и за подобро искуство на посетителите. Постојано реновираме живеалишта кои на пример не биле реновирани и по 40 години. Во градината имаше многу дотраени огради и живеалишта, езерца и фонтани кои не беа исчистени и по 13 години, а голем дел веќе успеавме да средиме за само две и пол години. Што се однесува до Дино Паркот, средствата се одобрени уште во септември 2019 год, а изведбата започна во октомври 2019. Скопје добива ново туристичко катче кое ќе биде посетувано и од голем број туристи од надвор, затоа што е единствен Дино Парк во регионот со 41 диносаурус. Влез во паркот ќе биде симболични 50 денари, додека секаде во регионот минимум е 5 евра. Овој парк ќе биде секојдневно место за забава и едукација на најмалите, на туристите, на учениците… Целиот парк чини колку една помала скулптура од проектот Скопје 2014, кој освен кич не донесе ништо добро. И ве замолувам да не ја валкате зоолошката поради политичка кампања. Зоолошката градина не е ниту на една политичка партија. Зоолошката градина е на сите граѓани, а најмногу на децата. Да ги оставиме тука да се едуцираат, радуваат и да уживаат во сите нови проекти, живеалишта и игралишта кои се направени во изминатиот период“, апелира Галетановски.

Слични содржини