Германски и француски министри: Можеме и без Facebook

од Vladimir Zorba

По „заканата“ од Меtа дека ќе ги запре Facebook и Instagram во Европа доколку Брисел и Вашингтон не постигнат договор за пренос на кориснички податоци, двајца високи европски министри изјавија дека „животот е многу добар без Facebook“, пишува „Блумберг“.

„Откако бев хакиран, живеев без Facebook и Twitter четири години и животот беше фантастичен“, изјави германскиот министер за економија Роберт Хабек за новинарите во понеделникот.

„Можам да потврдам дека животот е многу добар без Facebook и ќе живееме прекрасно без Facebook“, изјави Министерот за финансии на Франција, Бруно ле Мер.

„Дигиталните гиганти треба да разберат дека европскиот континент држи на своите позиции и ќе го потврди својот суверенитет“, додаде тој.

Двајцата одговорија на коментарите во годишниот извештај на Меtа дека компанијата може да биде принудена да го прекине пристапот до Facebook и Instagram доколку не добие дозвола за складирање и обработка на личните податоци на Европејците на своите американски сервери.

Регулаторите во Европската унија веќе еден месец разговараат со своите колеги во САД за да го заменат актуелниот трансатлантски пакт за пренос на податоци, на кој се потпираат илјадници компании. Договорот беше укинат од Врховниот суд на ЕУ во 2020 година.

Се чини дека грижите се претерани, а портпаролот на Меtа во понеделникот рече дека „немаме апсолутно никаква желба или планови да престанеме да работиме во Европа“, додавајќи дека компанијата сè уште „се потпира на преносот на податоци меѓу ЕУ и САД“.

И вчера продолжија да губат акциите на Меtа, завршувајќи го денот со пад од над 5 отсто. Од почетокот на годината, тие избришаа повеќе од 33 отсто со нешто повеќе од 11 отсто пад за Nasdaq Composite Index.

Слични содржини