Голомеиќ: Протестот ќе трае од 12 до 19 часот, бараме помош за да преживееме

од Nikola Popovski

„Протестот ќе трае од 12 до 19 часот навечер и ќе продолжи секој ден до исполнување на нашата барања. Бараме средба со премиерот Зоран Заев, каде јасно ќе му ги пренесеме нашите приоритети. Протестите се во организација на рестораните за организирање настани, а-ла карт рестораните, дискотеките, туристичките агенции и игротеките“, изјави утрово Перица Голомеиќ, претставник на Угостителско-туристичката комора.

Според него, за нив помошта била само 10.000 евра еднократен грант, кој што е недоволен и со кои не можат да сервисираат ни најосновни комунални трошоци.

„Ние бараме помош, за да преживееме. Ние не работиме и очекуваме поголема помош за трошоците на кредитите кои ги плаќаат на банките. Не работиме по нивна вина и сметаме дека мора да ни се пружи поголема финансиска помош“, вели Голомеиќ.

Барањата на туристичките агенции се еднократна неповратна финансиска помош, продолжување на рокот за важење на нереализираните ваучери за патување до декември 2022 година и ваучерите од проектот „Дома си е дома” да се реализираат исклучиво преку туристичките агенции.

Независната угостителска комора (НУК) целосно стои зад барањата и забелешките на угостителите и туристичките субјекти, но смета дека протестите не се соодветен начин за изразување незадоволство во услови на пандемија.

Владата најави дека подготвува шести пакет мерки за поддршка на овој сектор. Илјадници работници може да останат без работа. Новото затворање на угостителските објекти почна на 7 април, со воведувањето на рестриктивните мерки. Угостителските објекти се затворени за гости, а работат со достава или на принципот шалтер систем. Мерката е предвидено да важи до 20 април.

Слични содржини