Ѓоргиев: Историската комисија продолжува со работа

од Nikola Popovski

Еден член од македонскиот дел на историската Комисија усно поднесе оставка, но Комисијата продолжува со работа, изјави кусо за МИА, претседателот на македонскиот тим експерти во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев.

Професорот Ванчо Ѓорѓиев, преку соопштение објави дека се повлекува од функцијата.

Според него, имало отворени обиди за политичко влијание врз работата на Комисијата, што кулминирало преку директно мешање во стручната работа од страна на висок функционер во МНР.

-При такви околности, под влијание на двојното водство во македонскиот дел од Комисијата, се отстапи од утврдените принципи за консензуално носење одлуки по сите прашања; при што не беше испочитувано договореното на координативниот состанок од 20.10.2021 година, вели Ѓорѓиев.

Тој нагласува дека изготвените и разменети предлог-идеи, донесени и разменети во текот на вчерашниот ден од страна на македонскиот дел од Комисијата за препораки за учебниците за VII одделение за македонските учебници, се без негова согласност.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска на прес-конференција изјави дека никогаш не се мешале во работата на комисијата.

-Финансиски го поддржувам, но не сме правеле притисок во одлуките што ги носат членовите. Ги охрабрувам процесот да продолжи, рече Османи.

Слични содржини