Хутите најавија одговор на американските и британските напади

од Nikola Popovski

Хутите најавија одговор откако САД и Велика Британија нападнаа 36 нивни цели во Јемен на вториот ден од големата американска операција против вооружените групи поврзани со Иран по смртоносниот напад врз американските војници минатиот викенд.

Воениот портпарол на движењето, Јаха Сареа, изјавил дека американските напади „нема да поминат без одговор и последици“. Групата не објави податоци за жртвите. Сепак, хутските медиуми ги нарекоа нападите најнасилни досега.

„Овие напади нема да не одвратат од нашиот етички, религиозен и хуманитарен став за поддршка на упорниот палестински народ во Појасот Газа“, рекол Сареа.

Доцна вчера, во нападите беа погодени подземни складишта за оружје, ракетни системи, лансери и друга опрема што ја користат Хутите за напади врз бродови во Црвеното Море, соопшти Пентагон, додавајќи дека погодиле 13 цели низ целата земја.

Тоа е најновата воена активност во конфликтот што се прошири низ Блискиот Исток од 7 октомври, кога палестинската милитантна група Хамас од Појасот Газа го нападна јужен Израел, предизвикувајќи војна што привлече голем број вооружени групи поддржани од Техеран.

Жителите изјавиле дека зградите во главниот град Сана, кој е под контрола на Хутите, се треселе за време на гранатирањата. Нападите во Јемен се случуваат како дел од американската кампања за одмазда за убиството на тројца американски војници.

Вашингтон го започна првиот бран на својот одговор во петокот, погодувајќи повеќе од 85 цели во Ирак и Сирија поврзани со Корпусот на иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) и милициите што ги поддржува, наводно убивајќи речиси 40 луѓе.

Воената акција ја зголеми загриженоста за можна понатамошна ескалација на конфликтот. Иран во моментов избегнува каква било директна улога во конфликтот, но ги поддржува групите кои му се приклучија од Сирија, Ирак, Јемен и Либан.

Махџуб Звеири, директор на Центарот за заливски студии на Универзитетот во Катар, не очекува промена во пристапот на Иран дури и по последните американски напади.

„Тие го држат непријателот од другата страна на границата, далеку. Не се заинтересирани за директна воена конфронтација што може да доведе до напади врз градовите во нивната татковина. Ќе го задржат статус квото“, изјавил тој за Ројтерс.

Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека последните напади врз Јемен се јасен пример за кршење на меѓународното право од страна на САД и Велика Британија, предупредувајќи дека продолжувањето на таквите напади ќе претставува „загрижувачка закана за меѓународниот мир и безбедност“.

„Ова повторно беше кршење на територијалниот интегритет на Јемен и со тоа јасно кршење на меѓународно признатите закони и прописи“, рекол портпаролот на министерството Насер Канаани.

Слични содржини