Интервјуто со принцезата Дијана во фокусот на петтата сезона на серијата „Круна“

од Vladimir Zorba

Во центарот на петтата сезона на наградуваната серија на „Нетфликс“ „Круна“ ќе биде бомбастичното интервју со принцезата Дијана од 1995 година, пишуваат британските медиуми.

Интервјуто спроведено од тогашниот новинар на Би-Би-Си, Мартин Башир, привлече огромно медиумско внимание ширум светот додека принцезата од Велс отворено зборуваше за нејзиниот брак и ја изговори познатата реченица: „Бевме тројца во брак, па беше малку гужва“.

Независен истражител, поранешниот судија на Врховниот суд, Лорд Дајсон, заклучи во извештајот оваа година дека Башир со измама стигнал до интервјуто. Тој ги фалсификувал банкарските изводи и му ги покажал на братот на Дијана, Ерл Спенсер, за да му овозможи пристап до принцезата од Велс.

Таблоидот The Sun, повикувајќи се на извори блиски до авторите на серијата, пишува дека сценаристите го избрале интервјуто на Дијана како клучен момент од петтата сезона. „Многу вложуваат во тој дел“, пишува Sun и додава дека „Круна“ во претходните четири сезони докажала дека обработува теми кои кралското семејство би сакало да ги избегне.

Принцовите Вилијам и Хари, по објавувањето на извештајот на Дајсон, побараа интервјуто никогаш повеќе да не се прикажува и ги осудија потезите на Би-Би-Си.

„Неописливата тага е предизвикана и од сознанието дека Би-Би-Си значително придонесе за нејзините стравови, параноја и изолација на кои се сеќавам од последните години поминати заедно“, рече Вилијам, постариот син на Дијана.

Би-Би-Си му се извини на кралското семејство. Башир исто така се извини, велејќи дека фалсификувањето документи е „глупав потег“ и дека „длабоко жали“ за тоа, но сепак верува дека „не влијаел на личната одлука на принцезата да учествува во интервјуто“.

Во петтата сезона, принцот Чарлс и Дијана ќе ги толкуваат нови актери, Доминик Вест и Елизабет Дебики. Работата нема да им биде лесна бидејќи нивните претходници Џош О’Конор и Ема Корин добија „Златен глобус“ за тие улоги.

Кралицата и принцот Филип ќе ги играат, исто така, нови актери во последните две сезони. Британските актерски легенди Имелда Стаунтон и Џонатан Прајс ги преземаат улогите од рацете на Оливија Колман и Тобајас Менцис.

Слични содржини