Јакимовски од Гостивар го праша Димитриевски: Дали Македонците се нација од 1944 година?!

Тој истакна дека главен проблем и во Гостивар, како и во цела Македонија, е иселувањето и посочи дека младите се иселуваат „затоа што не сакаат нивните званичници да виткаат кичма, како што тоа го правеа досега.“

од Бети Божиноска

Претседателскиот кандидат на коалицијата „Храбро за Македонија“, Стевчо Јакимовски, кој денеска оствари средба со граѓаните на Гостивар, порача дека е против внесување на Бугарите во македонскиот Устав и постави три прашања до сите политичари и претседателски кандидати кои велат дека ќе ги поддржат уставните измени.

„Јас само сакам да го прашам и господинот Димитриевски и сите кои предлагаат промена на Уставот за влез на Бугарите во Уставот, но со одложено дејствување. Кажете им на граѓаните, дали Македонците се нација од 1944 година, дали македонскиот јазик е нарчеје на бугарскиот јазик и дали Гоце Делчев, Јане Сандански и другите македонски дејци, Димо Хаџи Димов и така натаму, се македонски дејци или се Бугари по род како што тоа го тврди бугарската историографија,“ праша Јакимовски.

Тој истакна дека главен проблем и во Гостивар, како и во цела Македонија, е иселувањето и посочи дека младите се иселуваат „затоа што не сакаат нивните званичници да виткаат кичма, како што тоа го правеа досега.“

Дополнително, Јакимовски уште еднаш нагласи дека е за продолжување на интегративните процеси на Македонија, но рече дека, истовремено, македонските граѓани сакаат да живеат во нормална и просперитетна држава.

„Далеку од тоа дека ние не сме за интегративни процеси, напротив ги поддржуваме, но во исто време ние сакаме нормален развој, како секоја нормална држава и ние сакаме респект кон Република Македонија и кон нејзините граѓани, како што тоа доликува на секој народ.

Не може на македонските граѓани сѐ да им се наоѓаат нови и нови причини и нови и нови пречки за да се опструира нашиот влез во Европската унија,“ истакна Јакимовски.

Слични содржини