Почетна / TOP NEWS / Јоксимовиќ: Вратата на ЕУ не е затворена

Јоксимовиќ: Вратата на ЕУ не е затворена

Српската министерка за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ изјави денеска дека не очекува одлуката на Европскиот совет за Северна Македонија и Албанија, да го попречи европскиот пат на Србија.

Јоксимовиќ за ТВ Пинк изјави дека политиката на проширување има свои подеми и падови, но дека „вратата не е затворена“, особено не за Србија, која, како што вели, е длабока во пристапниот процес.

Како што јави дописникот на МИА, Јоксимовиќ рече дека на крајот на ноември се очекува земјите-членки на ЕУ да добијат неформален документ за спроведување на реформите во владеењето на правото во Србија, врз основа на кој ќе одлучат колку нови поглавја ќе се отворат до крајот на годината, додавајќи дека Србија има подготвено четири поглавја.

Зборувајќи за одложување на почетокот на преговорите за Северна Македонија и Албанија, Јоксимовиќ оцени дека се слушнале многу различни наративи и мислења, како оние дека тоа е катастрофа или историска грешка, но таа сето ова, таа не би го сфатила толку драматично.

Како што кажа, Советот на ЕУ донесе одлука до Самитот ЕУ-Западен Балкан во мај 2020 во Загреб да се отвори прашањето за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија, кога ќе се види како земјите-членки ќе реагираат.

Таа потсети дека Србија го потпишала Бриселскиот договор во 2013 година, но дека дури во јуни 2013 и била дадена можност да добие датум, по што дури во јануари 2014 година започнале официјалните преговори, за да во декември 2015 се отворат првите поглавја.

Во врска со опстанокот на политиката за проширување, Јоксимовиќ вели дека дебата што се одвива денес во ЕУ се водела и пред 30 години, односно дебата за тоа дали е проширување или продлабочување.

-Ова се фази на ЕУ, таа така функционира, под постојани кризи, рече Јоксимовиќ.

На прашањето да ја коментира изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека ЕУ претрпла мозочен удар, Јоксимовиќ рече дека за време на посетата на Белград во јули на заедничката прес-конференција со српскиот претседател Александар Вучиќ, Макрон за прв пат кажал дека се неопходни реформи во ЕУ, но и да ова не значи дека кредибилниот процес на проширување не може да оди заедно со нив.

На прашањето што очекува од Советот за општи работи на ЕУ кој ќе се одржи на 19 ноември, за кој Франција објави дека ќе биде во врска со реформите во проширувањето, Јоксимовиќ рече дека тоа би значело да „темнината е најгуста пред зори, како и да сите сега се надеваме да сите негативни приказни ќе бидат решени во некоја зора, односно веќе следната година“.

Таа објасни дека секоја идеја во ЕУ, без разлика од која земја-членка потекнува, дури и земја голема и стара како Франција, мора да наиде на консензус од сите земји-членки, затоа што поента на донесување одлуки и одлучувањето во ЕУ е консензусот – да се најде најповолната рамка против која никој нема да биде.

-Сите идеи, сите методологии, сите идеи за проширување треба да поминат низ сериозна дебата меѓу сите земји-членки и потоа да станат дел од официјалната политика, а ние дотогаш да си ја работиме нашата работа, рече српската министерка за евроинтеграции.

Коментирајќи го интересот на САД и вклученоста во политиката на проширување на ЕУ, Јоксимовиќ рече дека Северна Македонија и Албанија, кои имаат евроатлантска компонента, сигурно дека ќе имаат поддршка на нивниот европски пат.

-Србија е воено неутрална, нема аспирации за членство во НАТО, што не е предуслов за членство во ЕУ, вели Јоксимовиќ, додавајќи дека САД сепак препознаваат дека Србија е носечка земја во регионот и дека и за САД и за ЕУ е важно Србија да остане на европскиот пат.

loading...