Јосифовски за „Локално“: Поголемиот дел од вакцинираните граѓани не спаѓаат во групата на гости во угостителските објекти

од Берта Китинска

Убаво е што си кажа Министерот за економија: „Aко сакате да одите по кафулиња, вакцинирајте се“, но колку навистина има гости што се вакцинирани доколку се примени новата одлука од понеделник 16ти aвгуст кои ќе можат да пијат кафе или одат на ручек или вечера во угостителските објекти. Во моментов и покрај тоа што се вакцинирани нешто повеќе од 25% граѓани поголемиот дел од нив се со старосна граница над 50 години кои всушност и не спаѓаат во групата на посетители и гости на угостителски објекти, вели во изјава за „Локално“,претседател на Независната Угостителска Комора, Здравко Јосифовски.

Според податоците и анализите на комората како што објаснува Јосифовски спроведени од кратка теренска анкета укажуваат дека во моментов ниту третина од секојдневните гости и посетители на угостителските објекти не се вакцинирани.

– Ова ни укажува дека од понеделник ќе станеме сведоци да нема доволен број на вакцинирани луѓе кои ќе ги посетуваат угостителските објекти, што само по себе ќе предизвика нови непотребни загуби и финансиски штети на угостителите, објаснува тој.

Претседателот на НУК посочува дека новата одлука на Владата претставува дополнителен проблем за вработените лица во угостителските објекти кои не се вакцинирани .

-Согласно постојната законска регулатива вакцинирањето е доброволно изборно право и никој и со ништо во моментов не може да ве примора или присили да го направите истото. Проблемот со новата одлука на Владата е што и вработените кои не се вакцинирани после 16ти Август не би смееле да бидат во угостителските објекти што значи истите нема да можат да ги вршат своите работни активности. Индиректно невакцинираните вработени се присилуваат доколку сакаат да ги задржат работните места да се вакцинираат што се коси само по себе со сите морални и етички права на присилување и уценување на задржување на вработените, смета Јосифовски.

Не сите угостителски објекти имаат услови да организираат редарски служби

-Не сите угостителски објекти имаат услови да организираат т.н. редарски служби. Поголемите објекти, ноќните клубови и дискотеки поради спецификата на нивното работење имаат задолжено лица кои ги пречекуваат и сместуваат гостите и најверојатно за нив ќе биде многу полесно да се реорганизираат и воспостават редарска служба за контрола на гостите. Остатанатите угостители ќе биде дополнителен проблем и трошок да се вработат нови лици кои на влезовите од угостителските објекти ќе ги пречекуваат и проверуваат гостите дали се вакцинирани или не, објаснува претседателот на НУК, додавајќи дека и во моментов угостителските објекти работат со намалени капацитети и новата одлука нема да ги натера уште да го намалуваат капацитетот на гости поготово не под 30 лица како би ја избегнале обврската за воведување на редарска контрола.

Јосифовски вели дека коморта од Владата бара целосно укинување на одлуката со која се бара угостителите преку воведување на редарски служби да врши селекција.

-За разлика од другите одлуки на Владата за протоколи и ограничувања на работењето на угостителските објекти за кои угостителите максимално вложувале напори да ги спроведат оваа мерка ниту има услови ниту начини да се спроведе во пракса. Сите ние секојдневно сме поделени политички, национално, религиозно, сексуално и со новата одлука угостителите не смеат да дозволат да бидат искористено како пробен филтер кои гостите ќе ги делат, класифицираат и категоризираат на вакцинирани и невакцинирани, затоа што тоа по сите здрави и морални логики и права не е ниту етички, ниту законски ниту постои реална оправданост за реализација на истото.Нашиот предлог по однос на оваа одлука е веќе доставен до Владата, а тоа е веднаш целосно укинување на одлуката со која се бара угостителите преку воведување на редарски служби да врши селекција и дискриминација на гостите врз основ на тоа дали истите поседуваат потврда – сертификат за направена имунизација без притоа да ги нарушите еточките и основните морални права на луѓето, објаснува претседателот на НУК.

Б.М.

Слични содржини