Јовановски со полиција изнесен од судница, се скарал со судијкатa

од Берта Китинска

Првообвинетиот за случајот  „Меѓународен сојуз“ Бојан Јовановски денеска со полиција беше изнесен од судница, поради караница помеѓу него и судијката Софче Гаврилова Ефремова.

Јовановски на рочиштето кажал дека недостигаат материјали од неговиот телефон, кој го вештачеше МВР и дека не е виновен што тие не се презентирани, бидејќи форензичкото вештачење го добил летото.

Oткако Јовановски рече дека бил во пријателски односи со блиска роднина на судијката, Гаврилова-Ефремова побара интервенција на затворската полиција.

Тој ја обвини судијката Софче Гаврилова Ефремова за цензура и побара нејзино изземање од случајот од страна на в.д. претседателот Иван Џолев кого, пак, го обвини дека е корумпиран.

Во предметот, Боки 13 е првообвинет и се товари за делата измама и перење пари. Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ, заменик-претседателка на невладината организација, и асистенката на Боки, Христина Блажевска, пак, се обвинети за помагање во овие дела, а Фросина Ременски се товари за помагање во делото измама. Таткото на Боки, Миле Јовановски, пак, е петтообвинет за помагање во перењето пари и за делото неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје, бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола. Како правно лице обвинета е и невладината организација.

Во овој предмет Обвинителството тврди дека двајцата бизнисмени, Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски, биле доведени во заблуда и измамени со проекти за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилни сервиси, па преку Македонската авторска агенција исплатиле речиси еден милион евра, Мицевски сума од 719 905, а Амзоски 233 821 евра.

Слични содржини