Кацарска: Нема ништо спорно во уставните измени, да не им се попречува на младите да имаат полесен живот

од Nikola Popovski

Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска тврди дека нема ништо да се загуби ако се вклучат Бугарите и другите народи во Уставот, со што Македонија ќе продолжи со отворање на кластерите од преговорите со ЕУ.  Според неа, не треба да им се попречува на младите и на другите граѓани да им биде полесен животот, со тоа што државата ќе влезе во европското семејство.

-Да се нагласи дека Македонија е држава на македонскиот народ и на сите останати народи кои се наведени во Уставот. Лошо би било кога Северна Македонија е држава на македонскиот или на бугарскиот народ, тогаш да. Но ние кога имаме во самиот Устав дека ова е држава на Албанци, Срби, Власи, Бошњаци и другите, што губат граѓаните ако бидат внесени и бугарскиот народ? Можеби поради што односите меѓу двете земји е таков, но лично мое мислење е да не се блокира државата, ниту да им се попречува на младите и на другите граѓани. Што се губи тука?, рече Кацарска во емисијата „Клик плус“.

Околу информациите во јавноста дека поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, а сега бегалец во Унгарија, Никола Груевски, со измените во Кривичниот законик ќе има можност да се врати како слободен граѓанин, Кацарска на ваквото прашање рече дека не може да даде прецизен, јасен, точен одговор.

-Јас не знам колку предмети има во судот против него, за кои кривични дела, која е казната и согласно новите измени од Кривичниот законик дали има кај некои застарување или не. Би било несериозно да давам одговор на вакво прашање затоа што немам факти за тоа. Имав три предмети од СЈО, тоа се ‘Тенк’, ‘Триста’ и ‘Транспортер’. Сите овие се завршени, тие се правосилни и се поминати и пред Врховниот суд, истакна Кацарска.

Слични содржини