Како ИСИС успеа да направи масакр среде Москва: „Фокусот на војната во Украина можеби го одвлече вниманието, Русија имаше огромна улога во конфликтот во Сирија“

од Nikola Popovski

Четворицата обвинети за смртоносниот напад во концертната сала „Крокус сити“ се соочуваат со доживотен затвор. На сите им е одреден притвор до 22 мај откако поединечно беа изнесени пред судот во Москва. Дел од нив признаа вина. Се бара притвор за уште тројца обвинети. Русија сè уште во шок по терористичкиот напад.

Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот поткрепувајќи ја со видеоснимка. По Володимир Зеленски, и САД ги отфрлаат тврдењата на Владимир Путин за вмешаност на Украина во рускиот напад. „Нема никаков доказ дека Украина била вмешана во масакрот. Всушност, ИСИС според сите укажувања е одговорна за она што се случи“, изјави американската потпретседателка, Камала Харис. Многу дилеми и обвинувања, но главното прашање останува: Како ИСИС дојде до тоа да убива луѓе среде Москва?

Според Пецо Трајкоски од НВО – Центар за стратегиски истражувања и анализи, не треба да се заборави дека Русија имаше огромна улога во војната во Сирија каде практично ја доби војната за Башир Ал-Асад. Притоа се бореше против многу страни вклучително и ИСИС.

Пецо Трајкоски

-Од друга страна, поради војната во Украина, руските тајни служби се обвинуваат дека едноставно не можат да откријат или спречат напади поради преангажираност. Покрај тоа, руското разузнавање не го предвиде ниту спречи востанието од страна на групата Вагнер во јуни 2023 година, кое претставуваше значителна закана за долгогодишната моќ на Путин. Фокусот на војната можеби го одвлекла вниманието од други безбедносни предизвици, како што се исламскиот фундаментализам од Блискиот Исток и Централна Азија, вели аналитичарот за безбедносна политика во разговор за „Локално“.

Додава дека оваа ранливост е истакната со неуспехот да се предвидат и спречат нападите во Москва, кои се поврзани со зголемена активност на групата ИСИС-К, група која потекнува надвор од традиционалните територии на Авганистан.

Околу тоа дали масакрот има „потпис“ од Западот, како што тврдат руските пропагандисти, соговорникот тврди дека во деновите по нападот има многу обиди да се припише на Западот, Украина или и на двете страни истовремено. Објаснува дека многу пропагандисти на Русија велат дека дефинитивно Украина стои зад овој напад и дека напаѓачите се спремале да бегаат кон нивниот сосед.

-Но од друга страна, САД предупредија неколку недели претходно дека е можен напад на Русија. Извештаите во Русија предложуваа дека четворицата главни напаѓачи задржани од страна на ФСБ во саботата сите беа од Таџикистан, централноазиска земја чии граѓани чинат голем дел од членовите на Исис-К, според аналитичарите кои ја следат групата, вели Трајкоски.

Што се однесува до она што Путин сега прави, додава тој, терористичкиот напад во 2004 година во Беслан може да биде поучен.

-По таа трагедија, Путин не се движеше кон реформи на безбедносните агенции на Русија, на пример туку, напротив, се движеше кон укинување на растечките демократски реформи. Ова значи дека нападот не мора да биде планирана провокација за Путин да се обиде да го искористи во своја политичка корист.

Ако овој напад не може да се припише на Украина, Путин може да се обиде да ги натера Русите да заборават на ужасите во Крокус Сити Хол или барем да продолжат без многу свечености, за да не дојдат до тешки прашања за него и за државата. Или тој може да се обиде, како што направи во првите часови по нападот, да ја замени перспективата на вистинското зло со попогоден непријател, ни рече аналитичарот за безбедносна политика.

На прашањето дали сега е можно отворање нови фронтови, можеби во една од бившите советски републики, Трајкоски не очекува ескалации.

-Таџикистан е долгогодишен партнер на Русија, и секако прво нешто што направи владата во Душанбе беше дистанцирање од напаѓачите. Шпекулативно е воопшто да се размислува во таа насока, дециден е аналитичарот.

Руското МНР прстот го впери во Вашингтон: „Сигурни сте дека беа исламска држава, а не Зеленски“-иронично праша портпаролката на руската дипломатија, Марија Захарова. Вашингтон тврди дека претходно испратиле предупредувања за планирани терористички напади во земјата, но Кремљ соопшти дека никогаш не ги добиле тие информации. Жителите на Москва продолжија да палат свеќи и да им оддаваат почит на жртвите, меѓу нив и претседателот Путин. Тој претходно изрази сомнеж дека зад нападот стои Киев, бидејќи осомничените планирале бегство во Украина. По нападот во Москва, Франција ја подигна тревогата за тероризам на највисоко ниво.

Н.П.

Слични содржини