Како Јулија Навални стана трн во око на Кремљ?

од Stefanija Kuzmanovska

Јулија Навални, сопругата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, е во центарот на вниманието на јавноста од неговото труење во август. А сега и таа беше уапсена, како нејзиниот сопруг безброј пати.

Во неделата тие се вратија од Германија, каде што тој се опоравуваше по обидот за труење со нервен агенс од групата „новичок“.

Кога Навални беше уапсен за време на пасошката контрола на аеродромот „Шереметјево“, Јулија го прегрна, го бакна, а потоа ја напуштила зградата обраќајќи им се на насобраните.

– Алексеј не се плаши. Ни јас не се плашам и апелирам до сите вас да не се плашите – им рече таа на луѓето кои скандираа „Јулија!“

Поради неговото апсење, во Русија се одржаа масовни протести на кои беа приведени повеќе од 3.500 демонстранти, вклучително и Јулија Навални.

Во меѓувреме, таа беше ослободена, беше речено од Фондацијата за борба против корупцијата на Навални.

Бидејќи Навални се соочува со зголемен притисок од властите, нејзината популарност расте. Во август, додека Алексеј лежеше во кома во Омск откако се онесвести на летот од Сибир до Москва, таа издејствува да биде пренесен во медицински авион во Германија. Додека тој се бореше за неговиот живот, таа редовно го известуваше печатот за неговата здравствена состојба, криејќи ги нејзините чувства зад очилата за сонце и смирениот настап.

После тоа, таа повторно ќе истрчаше во болница да ги брка лекарите, кои беа обвинети од сојузниците на Навални дека кријат дека тој е отруен под притисок на руските разузнавачки служби, пишува „Москва тајмс“

Можеби нејзиниот најхрабар потег беше да му се обрати директно на претседателот Владимир Путин, кого Навални го обвини дека наредил да биде отруен, кога таа побара дозвола да го одведе сопругот во Германија.

„Ме спаси“

Јулија (44) дипломирала економија во Москва. Таа и Алексеј (44) се запознале во 1998 година, а во август минатата година, додека тој беше во кома, беше нивна 20-годишнина од бракот. На своето прво обраќање до јавноста по будењето од кома, Навални ѝ се заблагодари на својата сопруга на Инстаграм: „Јулија, ти ме спаси“. Таа исто така присуствуваше на неговото прво интервју по напуштањето на болницата во Берлин, во октомври.

– Секако дека бев преплашена. Но, знаев дека не смеам да се препуштам… Ако јас се распаднам, тогаш сите ќе се распаднеме – му рече таа на популарниот блогер Јуриј Дад по тој повод.

– Дадов се од себе да останам смирена. Да го извадам од таму – рече Јулија.

Според Александар Баунов од московскиот центар „Карнеги“, труењето го означило „моментот на нејзината трансформација од придружба во независна личност“.

– Сега, откако Алексеј е во притвор, Навална ќе дејствува независно – додаде тој.

Независниот руски весник Нова Газета ја опиша Јулија како „еден од неприкосновените херои на годината“ за 2020 година.

Руска Тихановскаја?

Политикологот Константин Калачев истакнува дека улогата на Јулија се сменила.

-Таа беше сопруга на политичар, а сега и самата стана политичар- изјави тој за АФП.

– Има харизма и шарм, таа е креативна и храбра личност и, во случај на потреба, лесно би можела да го замени.

Баунов вели дека некои луѓе се „посимпатични од Навални“, затоа што им е смачено да гледаат иста личност на чело на опозицијата десет години.

– Треба да се слушнат гласовите на нови луѓе. Јулија е совршена опција – вели Баунов.

Властите во Русија стравуваат од сценарио слично на белоруското, каде новата политичка фигура Светлана Тихановскаја стана симбол на долготрајни протести против претседателот Александар Лукашенко откако нејзиниот сопруг опозиционер заврши во затвор.

Весникот во сопственост на Константин Малофејев, милијардер близок до Кремљ, во саботата се закани дека ќе објави интимна комуникација помеѓу Навални и други жени доколку Јулија Навални не вети дека „нема да стане руска Тихановскаја“.

Во понеделникот, ден по апсењето на нејзиниот сопруг, Јулија објави фотографија од нив од авионот на Инстаграм и напиша:

„Не постои ништо со што не можеме да се соочиме. Сигурна сум дека сè ќе биде добро“.

Слични содржини