Калач: Извештајот на ЕУ перфидно ни говори дека клучните реформи во правосудството остануваат во застој

од Destan Jonuzi

Владеењето на правото, имплементација на законите и искоренување на корупцијата се трите „клучни столба“ за успех во реформите во правосудството, пред сѐ, на судството и обвинителството, од аспект на евроинтеграциските промени, вели во изјава за „Локално“, правникот Јасмин Калач, коментирајќи забелешките на Европската комисија (ЕК) за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ во делот на судството.

– Реформите во правосудството се есенцијални за нас, бидејќи тие се дел од скрининг процесот на ЕУ кон нас како држава која има аспирации да биде полноправна членка. Во најновиот извештај на ЕУ во однос на реформите на судството, дадени се оценки дека судскиот систем е умерено подготвен во однос на имплементација на реформите и стратешките планови за реформите. Дадено е мислење дека новиот предлог закон треба да ја одржува Академијата за судии и јавни обвинители како единствена точка за влез во судството и обвинителството, и дека треба да се обезбеди фер и транспарентен пристап до овие професии. Не смееме да заборавиме дека до пред неколку години судството го нарекуваа „Сваровски“ а со последниот скандал кој добро го паметиме со запленетите компјутери на „Инвока груп“ и отворениот кривичен предмет против висок владин функционер беше пронајден софтверот за прашањата за кандидатите на академијата, па судството почнаа да го нарекуваат „Пасвордски“- изјави Калач за „Локално“.

Јасмин Калач

Јасмин Калач

Според него, реперкусии и детални проверки немаше, и кандидатите кои тогаш положија сега ја следат обуката и наскоро ќе бидат дел од правниот поредок.

– Немањето на детална истрага во однос на овој скандал, кај граѓаните остава голем сомнеж за коруптивни елементи. Исто така, константно и перманентно продолжуваат да не тресат скандали во правосудните органи, како последниот со шефицата на ОЈОГОКК и директорот на Финансиската полиција. Ова е недозволиво. Затоа не е изненадувачки што граѓаните немаат доверба, и што реформскиот процес заостанува. Исто така, во Извештајот се вели дека е постигнат одреден напредок во однос на борбата против корупцијата и криминалот. Може да се каже дека тоа е делумно точно, бидејќи се водат и во тек се постапки против високи функционери и политичари кои се осомничени за сторени кривични дела. Но, начинот на кој што се водат постапките фрла сомнеж на непристрасноста и за влјанија од страна на извршната власт, нагалсув тој.

Од моја перспектива, додава Калач, доколку застапувам како бранител некој обичен граѓанин кој е осомничен за одредено кривично дело, и доколку од страна на обвинителството се побара притвор за обезбедување на неговото присуство во постапката, тогаш судот лесно го одредува истиот без да навлезе во суштината дали воопшто има потреба од такво нешто.

– Од друга страна, во постапки каде што се осомничени високи фунционери, истите добиваат поблаги мерки за обезбедување на нивното присуство како домашен притвор или уважување на гаранција. Ова е само еден мал банален пример кој фрла сомнеж на настаните и создава недоверба во општеството. Непристрасноста на судството, правичноста и пресумпцијата на невиност како начела треба да бидат еднакви за сите. Генерално гледано, не можам да дадам задоволителна оценка ниту за овој Извештај, особено што последната анкета спроведена во нашата држава ни говори дека довербата во судството е падната на мизерни 8 проценти. Тоа значи дека 92% од граѓаните не им веруваат на правосудните органи. Ова се фрапантни бројки. Факт е дека искоренувањето на корупцијата и криминалот во едно општество е нешто утопистичко и дека таа секогаш ќе постои, но борбата за нејзино сузбивање и сведување на минимум треба да биде константно присутна, нагласува адвокатот Калач.

Тој потенцира дека, доколку ЕУ е уверена дека ние сме умерено подготвени за спроведување на овие реформи, и Владата е убедена во тоа, граѓаните сигурно не веруваат во реформите.

– Врз основа на сето ова, државата иако се обидува, не успева на дело да ја покаже својата посветеност на реформската агенда на судскиот систем во однос на Европската Унија. Овој ограничен „напредок“ во правосудниот систем според извештајот, перфидно ни говори дека клучните реформи во правосудството остануваат во застој. Од тие причини, потребно е сите актери во правосудството што поскоро да се разбудат и да започне секоја индивидуа првенствено да се реформира себеси, а понатаму успешноста на реформите на генерален план ќе се оствари самата, потенцира Калач.

Судскиот систем во С. Македонија умерено подготвен

Во извештајот ЕК судскиот систем во Северна Македонија се оценува дека е умерено подготвен. Постигнат е одреден напредок во однос на имплементацијата на стратегијата за реформи во правосудството, со што дополнително се разгледале препораките од Венецијанската комисија и групата на високи експерти за системски прашања за владеење на правото. Сѐ уште се потребни напори за да се обезбеди систематско спроведување на ажурираниот акционен план за стратегијата за реформи во судството и стратегиите за човечки ресурси за судството и обвинителството.

„Важно е да се продолжи со имплементација на правната рамка и стратешките планови поврзани со реформата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Новиот предлог закон за Академијата за судии и обвинители треба да ја одржува Академијата како единствена точка за влез во судството и обвинителството и треба да обезбеди фер и транспарентен пристап до овие професии“, се наведува во извештајот.

Д.Ј.

Слични содржини