Кантер „Слобода“ ќе се сретне со Мицотакис, сака да игра во Грција

од Nikola Popovski

НБА кошаркарот Енес Кантер Фридом (Слобода), како што неодамна официјално се нарекува, би можел да игра за грчката кошаркарска лига.

Турскиот центар неодамна беше трејдуван од Бостон во Хјустон, кој не го гледаше во неговите планови, па го отпушти, а сега кошаркарот е слободен да избере нова средина.

На Кантер сега му останува Европа како опција, каде последен пат играше за Фенербахче во сезоната 2008-2009, но враќањето во Турција би било еднакво на самоубиство бидејќи режимот на Ердоган го означи како терорист и беше уапсен веднаш штом зачекори во земјата.

Следен чекор за Кантер, како што самиот откри, е посета на Грција, кај премиерот Киријакос Мицотакис, со кого ќе разговара на темата турските бегалци, а воедно има идеја кариерата да ја продолжи во Грција.

– Сега кога имам американски пасош, планирам да ја посетам Грција и да се видам со премиерот, да разговараме за сузбивањето на турските бегалци. Во зависност од тоа како ќе оди тој разговор, ќе разговарам со него за можноста да играм во Грција, изјави Кантер за „ОПЕН ТВ“.

Турскиот центар неодамна, исто така, во интервју за оваа телевизија изјави дека сака да игра за Панатинаикос, а наводно како посредник придонел неговиот поранешен соиграч од Никс, Марио Хезоња со цел да се пресели во таборот на атинските зелени.

Фото: Profimedia/Getty images/Sarah Stier

Слични содржини