Кантер со порака до претседателот на Кина: Некој мора да ти одржи лекција

од Nikola Popovski

Центарот на Бостон Селтикс Енес Кантер повторно им се обрати на кинеските власти и на претседателот на Народна Република Кина, Си Џинпинг.

Не се смирува бурата што ја започна турскиот кошаркар. Тој повеќепати јавно ја критикуваше кинеската политика, а овој пат тоа беше односот на кинеските власти кон Тибет. На удар на Кантер се најде претседателот Си Џинпинг, кој тој го нарече „суров диктатор“.

После тоа, Кина брзо реагираше и ги отстрани сите натпревари на Бостон Селтикс од Интернет. Исто така, натпреварите на тимот од Масачусетс повеќе нема да се пренесуваат во Кина.

Кантер не застана и повторно испрати јасна порака до кинескиот претседател и Комунистичката партија која е на власт во таа земја.

„Некој мора да ти одржи лекција. Никогаш нема да се извинам што ја кажав вистината. Не можеш да ме заплашиш. Не можеш да ме купиш. Не можеш да ме замолчиш“, напиша Кантер на Твитер.

Американскиот Стејт департмент реагираше по одлуката на Кина да го прекине прикажувањето на натпреварите на Селтикс.

„САД изразуваат длабока загриженост за активностите на Народна Република Кина против Националната кошаркарска асоцијација по изјавите на еден играч во врска со Тибет. Ја цениме слободата на изразување и го поддржуваме секој што го користи тоа право“, порачаа од Америка.

Претходно, во текот на кариерата, Кантер го критикуваше и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, поради што подоцна му беше забранет влез во родната земја.

 

Слични содржини