Катастрофални последици од пожарите: На северот на Грција изгореа 808 квадратни километри

од Stefanija Kuzmanovska

Пожарот во Еврос на северот на Грција е најголемиот пожар во земјите на ЕУ во последните неколку децении, а изгореа 808,7 квадратни километри, соопшти Европската агенција за вонредни состојби Коперник.

Пожарот во Еврос уништи најмалку 808,7 квадратни километри, што е површина поголема од Њујорк, кој зафаќа 778,2 квадратни километри и е најголемиот пожар во ЕУ од 2000 година, покажуваат податоците на Коперник.

Пожарот избувна во близина на градот Александрополис и брзо се прошири во областа Еврос, каде минатата недела загинаа најмалку 20 лица, што го прави најсмртоносниот пожар во Европа ова лето, објави „Катимерини“.

Градоначалникот на Александруполи, Јоанис Забукис, за „Катимерини“ изјави дека сега противпожарната служба следи и интервенира таму каде што има повторно палење, што се случува исклучиво во шумата во Дадија.

Забукис истакна дека пожарникарите од другите земји кои дошле да помогнат дале значаен придонес во гаснењето на пожарот.

Механизмот за цивилна заштита на ЕУ ја мобилизираше својата досега најголема воздушна операција за гаснење пожари за да помогне во гаснењето на пожарите во Еврос.

Од 20 август ЕУ испрати во Грција 11 противпожарни авиони, еден хеликоптер, 407 пожарникари и 62 возила.

Слични содржини