Кина со донација од 1,6 милиони денари за поликлиниката „Шуто Оризари“

од Nikola Popovski

Претседателот Стево Пендаровски заедно со амбасадорот на Народна Република Кина, Џанг Ѕуо и претставници на ЈЗУ Здравствен Дом Скопје денеска ја посетија поликлиниката „Шуто Оризари“ .

Под покровителство на претседателот Пендаровски, амбасадата на Народна Република Кина во земјава донираше еден милион и шестотини илјади денари  на ЈЗУ Здравствен Дом Скопје за поликлиниката „Шуто Оризари“. Средствата се наменети за опремување на РТГ Кабинет, опремување со медицински мебел и реконструкција на покривот на оваа поликлиника. Посетата на поликлиниката „Шуто Оризари“ е завршната фаза од оваа активност по потпишувањето на меморандумот за соработка и реализацијата на донацијата.

Претседателот Пендаровски истакна дека при денешната посета на поликлиниката „Шуто Оризари“ имале чест на лице место да ја видат донацијата која Народна Република Кина ја направи на Република Северна Македонија и конкретно на оваа општина која според сите стандарди во делот на здравствената заштита е подолу од тоа што е градски или републички просек.

„Кога минатата година за прв пат со господинот амбасадор започнавме да размислуваме каде најдобро би можела да се употреби нивната донација, не ни требаше многу време за да утврдиме дека поликлиниката „Шуто Оризари“ е една од првите која треба да добие таква помош за граѓаните на оваа општина да имаат ниво на здравствена заштита еднакво како сите други граѓани кои живеат во другите општини на државата. Ви благодарам уште еднаш. Ова не е единствената донација која неговата држава ја направи кон нашата држава. Во време на пандемија добивме во неколку наврати медицинска опрема, заштитни маски и други работи. Јас се надевам дека ќе продолжиме во таа насока да соработуваме“, рече претседателот Пендаровски.

Слични содржини