Косовската полиција: Состојбата на северот е мирна, но кревка

од Stefanija Kuzmanovska

Безбедносната состојба на северот на Косово се уште е тензична по вчерашните дејствија на насилните српски демонстранти, соопшти косовската полиција, пренесе N1.

„Повикувајќи се на околностите и настаните што се случија вчера, демонстрантите, поединци и криминални групи, со екстремно насилство, доведоа до ескалација на безбедносната состојба на северот од земјата и нејзино деградирање до степен на загрозување на животите на луѓето, вклучително и животите на службениците на безбедносните институции. Протестите во три општини на северот од државата, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечан продолжуваат и денеска во близина на општинските згради, сегашната оценка е дека состојбата е мирна, но кревка“, се наведува во извештајот на косовската полиција.

Полицијата продолжува со своите обврски за обезбедување безбедност и непречено одвивање на протестите, како и координација на активностите со КФОР и надлежните институции, се додава во соопштението.

„Истовремено, полициските единици ги преземаат сите истражни дејствија поврзани со вчерашните случаи и развојот на настаните. И денеска косовската полиција ги повикува граѓаните да останат смирени и да не потпаѓаат на повици за насилни протести и провокации од каква било природа“, соопшти косовската полиција.

Слични содржини