Ковачевски од Софија: За македонското стопанство обезбедуваме струја за подобри услови од берзанските цени

од Nikola Popovski

Премиерот Димитар Ковачевски во рамки на работната посета во Софија, Бугарија оствари средба со премиерот на Бугарија, Галаб Донев. По средбата на тема справување со предизвиците на светската енергетска криза одржаа заедничка прес-конференција.

-Денес сме тука заедно со соседна Република Бугарија да се обидеме да најдеме решение за снабдување со електрична енергија во текот на четвртиот квартал од оваа година и првиот квартал од идната година под услови кои што ќе бидат оптимални за стопанството. Ние ги кажавме деталите за она што го имаме како потреба која доаѓа и од Стопанската комора на Северна Македонија заради што и претседателот на Комората беше денес тука и нормално разговаравме за подетални аспекти, рече Ковачевски.

Премиерот истакна дека разговарале и за количините кои се потребни кај нас со оглед на тоа дека Република Бугарија е извозник на електрична енергија, благодарение на капацитети кои ги има особено електричната енергија произведена од нуклеарна централа.

-Исто така, разговаравме и за поврзувањето со нов интерконектор за гас кој би бил направен во делот на поврзување со течен гас и исто така во однос на капацитетите на постојниот интерконектор кој го имаме со Република Бугарија како и за можностите и нормално што ќе биде исто така дел од работата на работната група за складирање на течен гас во складиштата кои постојат во Република Бугарија.

Во таков дух, со таа добра волја се надевам дека работната група која ќе почне да работи веднаш после празникот во Бугарија, а пред нашиот државен празник, во среда, дека во наредните помалку од две недели ќе имаме решение кое ќе може да биде на двостран интерес и на Република Бугарија и на Република Северна Македонија и на стопанството и на едната држава и на другата држава, потенцира Ковачевски.

Слични содржини