Ковачевски побарал сите заедно да ги изгласаат уставните измени: Сфатив дека Мицкоски сака само да биде дел од власта

од Nikola Popovski

За предлозите што биле на маса на лидерската средба со Христијан Мицкоски, премиерот Димитар Ковачевски информира пред медиумите дека побарал заедно да се изгласаат уставните измени и внесување на Бугарите во Уставот.

-Дополнително дадов предлог заедничко да пристапиме кон оваа цел. Доколку сите заедно ги изгласаме уставните измени, веднаш после последното гласање, да одиме на избори. Слушајќи ги сите изјави од политичките изјави, сфатив дека за Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е важно само да бидат дел од власта. За да покажеме дека ние како влада не сме ориентирани кон добивање политички поени само за себе и дека не сме водени од свој интерес и дека не сме фокусирани само на резултатот на изборите, веднаш ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата, при што СДСМ ќе ослободи половина од своите места. На тој начин ќе имаме Влада која што ги обединува сите партии кои што се европска интеграција. На тој начин со сите политички партии за европски интеграции, таа Влада ќе ги спроведе уставните измени, ќе го заврши скрининг процесот, ќе ги затвори уставните измени, ќе ги отвори поглавјата и дури може и да затвори едно од или две од поглавјата кои се дел од кластерот „Фундаменти“ и да ги организира следните избори, кажа Ковачевски во изјава.

Мицкоски сметаше дека некои партии треба да бидат дел од Владата, а некои не, додаде премиерот.

Како што порача Ковачевски, ова е борба за иднината на државата.

-Ме радува фактот што претседателот на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека не се проблем уставните измени и вметнување на други делови од народи во нашиот Устав. Нашите млади заслужуваат да бидат дел од членка на ЕУ, но тука дома, а не во туѓина, истакна претседателот на Владата.

Ковачевски нагласи дека за 3-5 години не може да се дојде до, како што вели, подобар договор и нова преговарачка рамка со ЕУ.

-Дијалогот треба да продолжи, можеби не треба секогаш со големи најавувања и големи прес-конференции. Имаме парламент каде што сите се застапени. ЕУ е нашиот пат, појасни премиерот.

Слични содржини