Кривичнa за поранешен генерален директор на АДИССДП и други 10 лица

од Vladimir Zorba
691 прегледи

Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, поднесе кривична пријава против десет лица и тоа Ц.Г. (57), поранешен генерален директор во Акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор, С. В. (63), С.С. (66), Ц.И. (70), Л.М. (51), А.Ќ.И. (53), З.Н. (57), А.Т. (40) и Е. С. (43), сите со место на живеење во Скопје, вработени во Акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор, како и лицето А.К. (39), со место на живеење во Кичево, исто така вработен во акционерско друштво, поради постоење на основано сомнение за сторенo кривичнo делo „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353  став 5 од КЗ.

Пријавените, во својство на службени лица (претседатели и  членови на комисија за спроведување на јавни набавки) во периодот од 2012 година до 2016 година искористувајќи ја својата службена положба и овластување постапиле спротивно на одредбите на Законот за јавни набавки и на тој начин овозможиле правен субјект од Вевчани да се стекне со противправна имотна корист во износ од 44.606.548 денари, соопшти МВР.

Пријавените, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластување со неизвршување на својата службена должност постапиле спротивно на одредбите на Законот за јавни набавки и покрај тоа што знаеле дека понудата на економскиот оператор од Вевчани за најголемиот дел од услугите кои се барале во спецификација содржела невообичаени ниски цени, од истиот не побарале писмено објаснување за понудените цени, предвидено во чл.163  од Законот за јавни набавки и спровеле постапка за јавна набавка за изведба на градежни, градежно занатски, инсталатерски и други работи за тековно и инвестиционо одржување на станбениот и деловниот простор и други објекти со кои стопанисува акционерското друштво. Изготвиле извештај во кој е даден предлог за најповолна понуда да се одбере понудата на правниот субјект од Вевчани, потоа било постапено и спротивно одредбите на Законот за јавни набавки, чл.169 и наместо да се увиди дека постапката не е спроведена согласно Законот за јавни набавки, донесена е Одлука за избор на најповолен понудувач и во име на АДИССПДП со правното лице од Вевчани е склучен „договор за  тековно и инвестиционо одржување на објектите со кои стопанисува  акционерското друштво и обврски во гарантен рок со предмет на Договорот изведување на градежни, градежно-занатски работи за тековно и инвестиционо одржување на  објектите со кои стопанисува  акционерското друштво за Регион 1, Регион 2 и Регион 3.

Во текот на 2012 година С.В. во својство на претседател на Комисија за спроведување на јавна набавка, С.С. и Ц.И., членови на Комисијата, Л.М., претставник од Одделението за јавни набавки, како и Ц.Г. во својство на генерален директор на АДИССПДП, овозможиле на правниот субјект од Вевчани  да се стекне со противправна имотна корист во износ од 16.992.519 денари.

Потоа во текот на 2014 година на истиот начин од страна на А.Ќ.И., во својство на претседател на Комисија за спроведување на јавна набавка, З.Н. и А.Т., во својство на членови на Комисијата и Е.С., претставник од Одделението за јавни набавки, како и Ц.Г. во својство на генерален директор на АДИССПДП овозможено е на правниот субјект од Вевчани  да се стекне со противправна имотна корист во износ од 24.001.526,00 денари.

Исто така, во текот на 2016 година од страна на А.Ќ.И., во својство на претседател на Комисија за спроведување на јавна набавка, А.Т. и А.К., членови на комисијата, Е.С., претставник од Одделението за јавни набавки, како и Ц.Г. во својство на генерален директор на АДИССПДП овозможено е на правниот субјект од Вевчани  да се стекне со противправна имотна корист во износ од 3.612.503 денари.

Постапувајки спротивно на своите службени овластувања, пријавените го сториле кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ по чл.353 ст.5 од КЗ, се наведува во соопштението од МВР.

Слични содржини