Лидерите дале позитивен одговор за средба кај Пендаровски

од Vladimir Zorba

Претседателот Стево Пендаровски потврди дека во недела ќе одржи средба со лидерите на најголемите парламентарни партии. Како што Локално претходно пишуваше, Пендаровски поканата ја испратил утрово, откако беше јасно дека Македонија нема да ги отпочне преговорите за влез во Европската Унија.

„Во името на нашата иднина ги повикав раководствата на најголемите политичките партии, за момент да ги остават настрана своите легитимни партиски интереси и сите заедно да ја реафирмираме нашата визија за иднината на земјата. За таа цел упатив покани за лидерска средба до претседателите на најголемите парламентарни политички партии и од власта и од опозицијата. Убеден сум дека токму сега е време да покажеме единство околу нашата стратешка ориентација, без разлика на легитимните политички разлики по многу прашања. Сакам да ја информирам македонската јавност дека од сите поканети добив позитивен одговор и таа средба е веќе закажана за в недела, на 20 октомври“, рече Пендаровски во обраќањето до јавноста.

Инаку денеска се мобилизираше и владата. Како што рече владиниот портпарол, Мухамед Хоџа за Локално, премиерот Зоран Заев, кој вчера се вратил од Брисел утрово имал средби на повеќе нивоа, а средби имало и во партиското седиште на СДСМ.

Слични содржини