Локациите кај касарната Илинден „пикирани“ за филмските студија на Малкович, проектот влегува во Влада

од Берта Китинска

Градоначалникот на општина Карпош запознат е со желбата на потенцијалните инвеститори за изградба на таканаречен филмски град на територија на општината, но се уште нема никакви подетални информации за истиот, вклучително и каде би се граделе тие студија, информираат за „Локално“ од Општина Карпош во врска со изгрдбата на филмските студија кои беа најавени од светската филмска ѕвезда, Џон Малкович.

Оттаму посочуваат дека инвеститорите биле заинтересирани за локации кај касарната Илинден.

-Градоначалникот Јакимовски е расположен да стори се во рамките на неговите надлежности за реализирање на овој проект, но доколку се јави потреба од промена на ДУП одлуката ќе треба да ја донесат советниците во општина Карпош, појаснуваат од Општината.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски денеска изјави дека министерството со кое раководи ги разгледало документите за проектот за изградба на филмски студија во Општина Карпош, кој во август годинава преку видеообраќање го најави светската филмска ѕвезда, и дека во текот на денешниот ден или утре ќе ја информира Владата за, како што рече, утврдената состојба.

Министерот рече дека ќе има координација и со Општината за да се добие јасна слика за состојбата на терен околу евентуалните кориснички и сопственички права.

Според министерот, сите документи ќе бидат претставени пред владината Комисија за економски систем, а потоа се очекува Владата да заземе став за проектот.

-До Комисијата во Владата беше доставено барање за проект од страна на неколку компании, кое е препратено до Министерството за транспорт и врски. Кај нас се формираше оперативна група и комисија којашто одржа прелиминарен прв состанок на кој што ги разгледа првично документите. Оперативната група веќе во текот на денов или утре ќе ја информира Владата за тоа каква е документацијата, што е она што е потребно дополнително да се појасни во однос на овој проект и да се дискутира. Веројатно ќе треба да има дополнителни координации со Општина Карпош заради тоа што земјиштето е на таа територија. Од тој аспект ќе треба Општина Карпош да има дополнително уште еден состанок со институциите, како Агенцијата за катастар на недвижности и сите оние прашања кои ќе се јават со цел навреме и брзо да ја информираме Владата за идните чекори и постапки,изјави Бочварски.

Пред извесно време дваесет и седум македонски, српски и балкански професори, театарски, филмски и музички уметници, упатија отворено писмо до македонската Влада за да започне со реализација на проектот „Скопје технолошки парк“ и преку него да се реализира филмскиот град.Во писмото се наведува дека оваа иницијатива претставува еден од најперспективните предизвици за севкупен економски, културен и технолошки исчекор на македонското општество.

Познатиот холивудски актер Малкович кој го предводи проектот пред еден месец најави дека во Скопје ќе се снимаат холивудски филмови, веднаш откако ќе се изградат повеќе филмски студија во рамки на проектот „Технолошки Парк Скопје“ (ТХП).

Тојпојасни дека работи на создавање филмско, музичко и медиумско студио од холивудски калибар, со сертификат за еколошка градба во Скопје, што ќе биде прво студио од ваков тип на целиот Балкан.

-Решивме да го наречеме проектот „Stonebridge Studios“ во чест на богатата култура и неверојатната историја на македонскиот народ, истакна Малкович и порача дека како Балканец по потекло му придава специјално значење на овој проект.

Актерот цврсто верува дека проектот ќе биде од клучно значење за земјата и регионот.

Б.М.

Слични содржини