Макрон: Европа и Франција мораат да ја спречат победата на Русија

од Stefanija Kuzmanovska

Париз ќе продолжи да ѝ испорачува оружје на Украина, изјави францускиот претседател Емануел Макрон. Тој посочи дека Европејците и Французите ќе мора да донесат нови одлуки за да ја спречат победата на Русија.

„Заедно со испораките на оружје и договорите што ќе ги финализираме, планирам да ја посетам Украина во февруари. Ќе објавам завршување на работата на овие текстови, ќе започне испораката на оружјето за кое зборував“, рече Макрон на прес-конференцијата.

Тој објасни дека Париз се подготвува да достави 40 ракети „скалп“ и „стотици бомби“ на властите во Киев. Во тој контекст, тој најави индустриски успеси кои ќе ѝ овозможат на Франција да ѝ испорача на Украина повеќе воени производи, поточно самоодни хаубици „цезар“.

Францускиот претседател истакна дека испораките започнуваат „во реално време, веднаш по објавувањето“. Тој, исто така, вети дека ќе продолжи да го поддржува Киев се додека е потребно, вклучително и во продолжувањето на обуката на украински војници.

Кога станува збор за договорот кој е во фаза на финализирање, а кој го спомена францускиот лидер, тој содржи безбедносни гаранции за Украина. Макрон вети дека работата на тоа ќе биде завршена во наредните недели.

„Европејците и ние Французите ќе треба да донесеме нови одлуки во наредните недели и месеци, меѓу другото, за да ја спречиме победата на Русија. Дозволувањето на Русија да победи ќе значи дека правилата на меѓународниот поредок што го дефиниравме повеќе не може да се почитуваат. За нашите балтички, полски и романски пријатели животот ќе стане невозможен, а не ги заборавам ниту Молдавија и кавкаските држави“, истакна Макрон.

Слични содржини