Макрон: Зелено светло во Брисел се даде за С. Македонија, но не и за Албанија

од Aleksandar Todeski

Францускиот претседател Емануел Макрон во интервју за „Економист“ рече дека може да се почнат преговори со Северна Македонија и Албанија, под услов следните месеци двете земји да ги завршат клучните реформи, но и во меѓувреме да се реформира преговарачката методологија.

„Ако направиме реформи во следните неколку месеци, подготвен сум да се отворат преговори. Доколку и тие направат дополнителни напори кои им преостануваат. Но потоа не сакам никој повеќе да влегува во членство додека не ја реформираме ЕУ. Мислам дека тоа е предуслов, неопходен и искрен“, вели Макрон.

Тој вели дека зелено светло за почеток на преговори на самитот во Брисел имало само за Северна Македонија. Според него, други земји-членки се криеле зад француското вето, а всушност биле против отпочнување преговори со Албанија. Одвојувањето на двете земји, вели Макрон во интервјуто, ќе било голема грешка.

„Не мислам, знам дека е така. Прашајте ги утре дали сакаат преговори со Албанија. Половината ќе ви кажат не. Сакаат да отворат со Северна Македонија, тоа е мала земја, го сменија името и тоа е навистина историско постигнување. Таа не ги плаши луѓето. Но реалноста е дека доколку не отворите и со Албанија создавате ужасна траума во регионот. Албанските јазични заедници се насекаде. Доколку ја понижите Албанија, ќе направите трајна дестабилизација на регионот“, истакнува Макрон.

Францускиот претседател вели дека мора да се спроведе реформа на процедурите за  преговарање, сегашните ги оценува како нестратешки и премногу бирократски. Тој додава дека прашањето за реверзибилност на процесот мора да се земе предвид.

За тезите дека неотварањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија ќе ги зголеми другите влијанија во регионот, како руското, кинеското, турското, Макрон смета дека тие влијанија постојат и се развиваат и во земји кои преговараат, но и во држави-членки.

Слични содржини