Малчески: Францускиот предлог воопшто не треба да се дискутира, а камо ли да се прифати

од Vladimir Zorba

Ова е уште еден пораз на коалицијата ДУИ-СДСМ и на нивната лоша „дипломатија“. Со месеци предупрадувавме дека ништо не работат и дека ги интересираат само тендерите и буџетските средства. На крај, сепак испаднавме во право. Ако нашата дипломатија е на висина на својата задача тогаш немаше да има еден ваков лош предлог, кој во суштина е спротивен и на шесте основни европски вредности, а тоа се човеково достоинство, слобода, демократија, владеење на правото, еднаквост и човекови права, вели во разговор за „Локално“ професорот Самоил Малчески, со кој поразговаравме за францускиот предлог за кревање на ветото од страна на Бугарија за старт на преговорите на Македонија со ЕУ.

Смета дека „предлогот сам по себе воопшто и не треба да се дискутира, а камо ли да се прифати“.

– Ние имаме усвоено декларација во Собранието на Република Македонија и тука мислам дека имаме јасни позиции, вели Малчески.

На изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, дека нема да дозволи внесување на Бугари во македонскиот услов и дали тука завршува прашањето за прифаќањето на „француските услови“, професорот вели дека позициите на ВМРО ДПМНЕ се јасни, а во суштина ништо од тоа не може да се реализира бидејќи владејачките партии немаат и нема да имаат 2/3 мнозинство во Собранието.

-Оттука, најдобар излез од оваа ситуација се предвремени парламентарни избори и нова Влада, истакна Малчески.

Проф. Самоил Малчески

Проф. Самоил Малчески

За најавата на германскиот канцелар Шолц дека ЕУ треба да ги промени правилата, односно да ги олесни, во контекст на проширувањето и примањето на нови земји во Блокот, Малчески посочува дека „челниците на ЕУ мора да се замислат за оваа небулозна состојба во која ја доведоа Унијата“.

-Со години Бугарија постапува спротивно на основните вредности заради кои е формирана Унијата и некој тоа во Брисел им го дозволува. Да се разбереме, „администраторските амбиции“ на нашиот источен сосед ниту се дел од Копенхашките критериуми, ниту се дел од вредностите на ЕУ. Предолгото ќутење на челниците на ЕУ по основ на овие позиции на нашиот источен сосед создава дополнителни проблеми во Унијата, смета тој.

На прашањето дали на земјава и треба поинаков пристап кон „ЕУ членството“ откако 17 години сме во чекалната на Унијата, професорот смета дека ние реформите треба да ги направиме пред се заради нас и за ние да живееме поубаво и дека „немаме друга алтернатива освен вистинските вредности на ЕУ“.

-Јас сум убеден дека ако ние не сме на дното на сите можни листи, состојбата ќе беше далеку поповолна за Република Македонија. За жал, тандемот ДУИ-СДСМ секојдневно не оддалечува од Унијата. Оттука, по мене државата полека треба да се подготвува за предвремени избори и да добиеме реформска Влада која ќе се справи со пустошот кој секојдневно позади себе го остава тандемот ДУИ-СДСМ, додава Малчески.

В.З.

Слични содржини